Новиот систем на #ЦаринскатаУправа со месеци го кочи стопанството!
Изминаа веќе неколку месеци од кога Царинската управа го пушти во функција новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, а истиот никако да проработи. Времето за спроведување на царинската постапка трае и со денови што е за неколку пати побавно во однос на изминатите технички процедури за извршување на царинската постапка.
Увозниците, извозниците, транспортерите и шпедитерите се жалат дека трпат значителни загуби поради настанатата состојба. Стоките за царинење со денови се заглавени во царинските складови и на царинските терминали поради честото паѓање или блокирање на царинскиот систем. И понатаму царинските складови не се поврзани со системот на царинската управа и за издавање на стоките не добиваат електронски информации дека давачките се платени и стоките ги ослободуваат со хартиена потврда од царинската управа која мора лично да се однесе во царинскиот склад при што исто така се троши значително време и ресурси од страна на царинските посредници што доведува до дополнително отежнување и времетраење на царинската постапка. Времените вработувања кои се реализираа во Царинската управа дополнително доведуваат до намалување на брзината и квалитетот на извршување на царинските постапки поради недостаток на стручност и обуки на овие лица.
Големи реакции се најавуваат од страна на сметководителите бидејќи новата испечатена царинска декларација нема преглед на поединечни давачки (ддв, царина, акциза и сл.) при што овие лица се соочуваат со сериозен проблем при сметководствено книжење на царинските декларации. Се додека не се надмине оваа состојба стопанството ќе трпи значителни загуби.
