Актуелно 05.03.2024 08:57

Комисијата за економски прашања за расправата за Митилинеос не ги викна инженерите, ниту пак министерот Бектеши

Комисијата за економски прашања за расправата за Митилинеос не ги викна инженерите, ниту пак министерот Бектеши

Денес во 12,30 часот, единаесет пратеници, членови на собраниската Комисија за економски прашања ќе одлучуваат за донесување на четири предлог закони за стратешките инвестициски проекти Соларен парк Стипион, Соларна електрична централа Пехчево, Еим грин тек (AIM GREEN TECH) и Митилинеос когенеративна постројка Скопје. Сите по скратена постапка. Инженерите и енергетичарите веќе подолго време бараат да учествуваат на овие собраниски расправи, но без успех. За денеска не е повикан ни министерот за економија Крешник Бектеши, единствен владин претставник кој јавно искажа резреви во однос на проектот Митилинеос.

Куриозитет претставува тоа што во рок од една седмица, по втор пат овие предлог закони се наоѓаат на дневен ред на ова работно тело, но овој пат, претседателот на комисијата, пратеникот Диме Велковски, известувањето за свикување на седницата, не го доставил до Министерството за економија, како за претходната 26 седница, туку само до министерствата за финансии и за животна средина и просторно планирање, се вели во денешната реакција на Здружението на инженери на Македонија.

„Јавноста знае дека министерот за економија, Крешник Бектеши, побара повлекување на предложениот закон за изградба на когенеративната постројка во Скопје, кој иако првично беше повлечен, повторно се најде на денешната комисиска расправа, но овој пат без покана за негово присуство.

Согласно член 122 став 2 од Деловникот на Собранието со писмен допис до претседателот и сите членови на Комисијата за економски прашања побаравме двајца до четворица стручни и јавни работници – инженери и професори енергетичари да бидеме поканети и да го изнесеме нашето мислење по прашањата што се разгледуваат на седницата, односно да земеме учество во работата на работното тело: Комисија за економски прашања. До денес немаме добиено одговор на нашето барање.

Вчера поднесовме претставка до 11 надлежни институции со барање пратениците во Собранието да не го изгласаат штетниот закон за Митилинеос когенеративна постројка Скопје, а повиканите институции да преземат мерки во рамките на своите законски надлежност за постапување во услови кога се евидентни ризиците од корупција, односно кога има индиции за обид за кривични дела.

Со претставката покрај заштитата на јавниот интерес утврден со Уставот и законите, бараме државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет во врска со стратешкиот проект Митилинеос поради сомневање за можна корупција, а до основното јавно обвинителство Скопје, ја поднесовме како иницијатива за покренување предистрага поради сомневање за можен обид за кривично дело поврзано со корупција во врска со донесувањето на закон и договор за стратешкиот проект Митилинеос когенеративна постројка Скопје. ()