Актуелно 16.10.2023 13:16

Контрола на високата инфлација

Контрола на високата инфлација

Без сериозно ниво на реализација на капитални инвестиции и инвестирање во одредени сектори со кое ќе се зголеми продуктивноста не може да се очекува позначително намалување на инфлацијата во земјава, вели универзитетскиот професор Борче Треновски во интервју за Радио слободна Европа.

Професорот додава дека властите мора добро да го познаваат пазарот кога се решаваат да воведат мерка како замрзнување на цените во трговијата.

„Сега немаме увозни притисоци и видовме дека голем дел од инфлационите очекувања се домашни, односно се префрлија покрај храната и енергијата и на други цени почнаа да растат. И во тој случај вие имате инфлациони очекувања кои можат да се зауздаат. Во таков случај краткорочно, ако се направи како што треба дури и начинот на замрзнување и ограничување на цените може да влијае врз оние базични основни производи на определен краток период. На долг рок и тоа би било контрапродуктивно.“ – вели Треновски.

Економистот Бранимир Јовановиќ пак е на став дека доколку властите сакаат актуелната мерка за гарантирани цени да има ефект таа мора да биде на сила подолг рок, а не да заврши на крајот на ноември.

„Државата мора да ги замрзне цените и да ги држи замрзнати на подолго време, најмалку половина година. На тој начин ќе се спречи да растат цените и да се стави под контрола инфлацијата. Но тоа нема да биде доволно само по себе, паралелно со тоа мора да се зголемат сите примања на луѓето.“ – вели Јовановиќ.

Од СДСМ уверуваат дека владините одлуки резултираат со намалување на инфлацијата.

„Со одлуката за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, создадовме солидна основа за уште да се намали инфлацијата и до 5 отсто до крајот на годината.“ – вели Дарко Каевски.

Опозицијата пак обвинува дека власта има нереални прогнози за инфлацијата бидејќи меѓународните финансиски институции очекуваат трошоците на живот да бидат двојно поголеми од очекувањата на СДСМ на крајот на годинава. Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта води погрешни политики а тоа може да се види по економскиот раст кој го испорачува македонската економија.

„Тешко дека граѓаните ја гледаат економската ренесанса за која СДС зборува, кога во суштина сме зад Косово, Албанија и Црна Гора по економски раст. Сите три држави од нашето опкружување имаат економски раст за 50% поголем од Македонија.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Последните податоци на државната статистика покажуваат дека во септември инфлацијата е зголемена на годишно ниво за 6,6 отсто. Најголемиот дел од трошоците на домаќинствата и натаму се за набавка на храна.

Истражувањата на невладиниот сектор покажуваат дека повеќе од 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија. За една година бројот на лица кои живеат во екстремна сиромаштија во земјава е зголемен за 14 илјади, а зголемен е и бројот на граѓани кои живеат во умерена сиромаштија и тоа за 56 илјади лица.