Тројца вработени во детската градинка „Весели Цветови“ во Делчево се изолирани, откако кај дел од персоналот е регистрирано присуство на вирусот Ковид-19. Како што информираше директорката на градинката Билјана Симовска, станува збор за надворешни случаи, поради што се превземени сите мерки за спречување на ширење на заразата.
-Сакам да истакнам дека позитивните случаи кои што ги имаме во градинката, не доаѓаат од внатре. Значи тоа се надворешни случаи. Во меѓувреме излегоа наодите и на трите негувателки кои беа тестирани, останатиот персонал кој што беше тестиран меѓу кои и тројца вработени кои се исто така негативни. Сега за сега имаме еден готвач, еден помошник готвач, една негувателка и група од 12 дечиња, кои се изолирани, рече Симовска.
Симовска додаде дека работата на градинката продолжува, согласно сите протоколи кои ги налага ваквата ситуација.
-Во време на светска пандемија, предизвикот да раководиш со ваква установа е навистина преголем, заради што сакам да упатам јавна благодарност до сите мои вработени, до сите родители и до сите кои се вклучени во движењето на овој систем од предучилишно воспитание и образование. Никој не знае дали го носи вирусот и дали може да добие нешто од тоа, меѓутоа нека нема лоши работи и сите да бидеме живи и здрави, додаде Симовска.
Освен протоколите од Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заразни болести, во насока на поголема заштита од вирусот, градинката како што додаде директорката има изготвено и свои посебни протоколи, се со цел спречување на ширење на заразата од Ковид-19.