Есенскиот бран на Ковид -19 зема се поголем замав. Бројот на заболени расте, а државите воведуваат порестриктивни мерки во обид да го спречат ширењето на вирусот.
Нов црн биланс на заболени и починати регистрираше вчера Министерството за здравство. Во земјава во изминатите 24 часа битката со коронавирусот ја изгубија 22 лица, а регистрирани се нови 561 случаи од направени 1.901 тестирање со што процентот на новозаразени се искачи на 30.
Најмладиот пациент кој почина од Ковид е на 35-годишна возраст, а најстариот на 81-годишна возраст. Освен двајца пациенти, сите останати се починати во болнички услови.
Повеќе од половина од новозаразените се од Скопје, односно 271 лице.
Болничките капацитети се речиси полни, а се полни и модуларната болница. Речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата. На Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се нови 17 пациенти, а вкупната бројка на хоспитализирани е 137 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ имало шест нови приеми, а вкупно се хоспитализирани 49 пациенти. Во болницата во Козле хоспитализирани се 6 деца и 8 позитивни мајки, како и 3 деца и 1 мајка суспектни на ковид-19. Во болницата во Битола се хоспитализирани 57, а во болницата во Штип се 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија и Кавадарци се хоспитализирани 281 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
– Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот „коси“ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран, апелираше вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Тој на својот фејсбук-профил напиша дека очекува итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени и повика на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита.
– Денеска за жал, имаме досега најголем број на починати, 22 пациенти ја изгубија битката со Ковид-19. Регистрираме рекордни 30% позитивни од тестирани лица, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата, напиша Филипче.
Заради зајакнување на капацититети веќе е најавено поставување на 16 мини Ковид одделенија, а министерот за здравство Венко Филипче најави и зголемување на термините и на бројот на тестови.
Сетот на препораки за носење маска на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица на отворено и ограничување на бројот на гости во домовите се уште чека да добие зелено светло од Собранието каде власта и опозицијата се уште се надмудруваат дали да работат онлајн или со физичко присуство.
Владата веќе донесе мерки со кои го ограничи работењето на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака и препорача да се ограничи капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти од вкупниот број на патници. На државната и јавна администрација, општините и судовите им препорача да работат онлајн или да ја организираат работата во смени.