Економија 22.08.2018 14:26

Кредитите и депозитите во јули забележале раст

Кредитите и депозитите во јули забележале раст

И кредитите и депозитите во јули забележале раст. Податоците на НБРМ покажуваат дека на годишно ниво растот на депозитите е 11,3 проценти, додека на месечно 1,3 отсто. Притоа поинтензивен е растот кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, пак, поголем придонес кон раст на депозитите има секторот домаќинства.

Растот кај кредитите на месечна основа е 0,4 проценти што се должи на зголеменото кредитирање на домаќинствата. Во јули е забележано намалено кредитирање кај корпоративниот сектор. На годишно ниво растот на кредитите изнесува 6,2 проценти и во поголемиот дел 76,3 проценти е резултат на кредитирањето на секторот домаќинства.

Депозитите на корпоративниот сектор забележуват втор месец по ред раст од 2,3 проценти. Депозитите кај домаќинствата бележат нагорна месечна и годишна промена од 0,6 и девет проценти. Притоа поголем придонес имаат депозитите во денари.

Кредитите на домаќинствата во јули имаат месечен раст од 1,1 проценти и годишен раст од 10 отсто при што поголемиот дел се должи на кредити одобрени во денари.

Најзастапени се потрошувачките и станбените кредити кои во јули забележаа раст кој е 1,3 проценти кај потрошувачките и 1,5 проценти кај станбените. Годишниот раст кај потрошувачките е 11,2 проценти и 16 проценти кај станбените.