Финансии 05.12.2023 08:30

КРЕДИТИТЕ СТАНУВААТ СЕ „ПОТЕШКО БРЕМЕ“ – дали се попогодени граѓаните или компаниите?

КРЕДИТИТЕ СТАНУВААТ СЕ „ПОТЕШКО БРЕМЕ“ – дали се попогодени граѓаните или компаниите?

Не престануваат да поскапуваат кредитите во земјава. Каматната стапка на новоодобрените кредити, иако минорно, сепак, се зголемила во октомври годинава во однос на претходниот месец, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија. Во десеттиот месец од годинава каматата на новоодобрените кредити дошла до ниво од 5,55 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени во однос на септември, кога изнесувала 5,49 отсто.

Она што може да се забележи од табелата на централната банка, е дека граѓаните сепак во октомври добиле малкку поевтини кредити во однос на еден месец претходно, односно тие се свеле на 5,28 отсто, наспроти 5,47 проценти во септември.

Додека, пак, она што не е добро за развојот на бизнис секторот, односно економијата, е дека во октомври значајно поскапеле новоодобрените кредити за компаниите, и тоа достигнале 5,71 отсто, што е пораст за 0,21 процентни поени.

„Во октомври, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,71 отсто и е зголемена за 0,21 п.п. на месечно ниво. Промената во целост се должи на повисоките каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула, во услови на забележан пад на каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на кредитите со валутна клаузула. Во споредба со октомври минатата година, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е повисока за 1,35 п.п“, се вели во објавата од централната банка.

Кога станува збор за вкупните кредити пак, веќе четврти месец по ред каматните стапки на вкупните кредити кои се одобрени во државава се задржале на исто ниво, а тоа е 5,49 отсто. Последен месец кога кредитите биле поевтини е јуни годинава, кога каматните стапки на вкупните кредити исто така биле на нивото над пет проценти, но сепак пониски, или прецизно 5,12 проценти.

Во делот на вкупните кредити, пак, компаниите се во подобра состојба од домаќинствата. На крајот на октомври кај нив каматната стапка изнесувала 5,37 отсто, нешто слично како и во претхоните неколку месеци, додека, пак, кај домаќинствата каматата била на нивио од 5,6 отсто, и тука има само минорно намалување во однос на претходниот месец.  

Централните банки ширум светов најавија дека ќе прават пауза во зголемувањето на каматните стапки, а со оглед што веќе се намалуваат стапките на инфлација, се очекува дека е можно во наредниот период и да се разлабави монетарната политика.

()