Финансии 23.05.2018 10:07

Кроација осигурување со раст на добивката и на пазарното учество: Нудат полиси он-лајн

Кроација осигурување со раст на добивката и на пазарното учество: Нудат полиси он-лајн
Croatia Osiguranje

Кроација осигурување остварила добивка и раст од 8,6 проценти што е еден од трите најдобри резултати во осигурителниот пазар за минатата година. Од компанијата велат дека во 2017 година го зголемиле и пазарното учество, па на крајот на годината имале 5,3 отсто од вкупната премија во сегментот на неживотно осигурување. Извршниот директор Гоце Вангеловски вели дека резултатите се добри, но поради фактот што на македонскиот пазар има и доста потенцијал, треба да се очекува оваа година да биде уште подобра. Најавува и нови осигурителни производи, а со растот на интересот и премијата кај повеќето типови на осигурување треба да се намалат и цените. Еден од клучните проекти на кои с етемели растот на Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување оваа година е дигиталната платформа за купување и за обновување на полиси преку интернет и мобилен телефон.

„Во текот на 2017 година адекватноста на капиталот се искачи на 128 проценти, а обезбедена е и 115 проценти покриеност на техничките резерви со што е задржано високо ниво на сигурност во работењето. Планираме да понудиме и годинава атрактивни осигурителни производи и услуги што носат дополнителна вредност и придобивки за корисниците. Нашата компанија успеа да расте и покрај тоа што осигурителниот пазар во државата стагнираше. Во текот на 2018 година ќе продолжиме уште поамбициозно. Така ќе можеме да се приближиме кон остварување на стратешката цел, а тоа е да бидеме меѓу топ 3 осгурителни компании “ вели Вангеловски.

Инаку дигиталната платформа веќе е лансирана и достапна на moja.croatia.mk. Преку неа ќе може да се нарачува и менува полиса и он лајн, со што на корисниците ќе им се олесни пристапот до компанијата и до производите.

Кроација осигурување очекува дека сите новини ќе ја зголемат вкупната ефикасност во работењето, а бруто премијата да порасне за 7 отсто. Вангеловски вели дека се надеваат оти годинава пазарното учество ќе надмине седум отсто.

Лани македонскиот осигурителен пазар пораснал за само 1,6 отсто. Премијата по глава на жител во Македонија е 60 евра, додека во Хрватска е 400 евра, а во Словенија е 2.000 евра.