Потрошувачот може да бара замена на производот или да бара да му се вратат парите доколку производот е поправен три пати во текот на гарантниот рок. Ова значи дека ако ви се расипе компјутерот, мобилниот телефон или фрижидерот три пати во периодот додека важи гаранцијата, мора да добиете нов ист таков производ.
Вака барем гласи Законот за заштита на потрошувачите, кој наведува дека евентуалното неисполнување на барањето за замена или враќање на парите, продавницата за бела техника би можела да се соочи со глоба од 10.000 евра.
Ова право го имаат сите потрошувачи кои купиле производ од деловен оператор кој има обврска да обезбеди гаранција за квалитетот на производот. Гарантниот рок не може да биде пократок од две години од датумот на продажбата.
Ако деловниот оператор не го исполни барањето за замена или враќање на парите во рок од 15 дена од приемот на барањето, потрошувачот може да се жали во Агенцијата за заштита на потрошувачите. Агенцијата може да изрече глоба до 10.000 евра за деловниот оператор кој не ги почитува правата на потрошувачите.
Еден од потрошувачите кои се соочил со овој проблем е Сашко Дојчиновски, 35-годишен скопјанец кој купил нов телевизор пред шест месеци.
По кратко време телевизорот појавил проблем со сликата, па Дојчиновски неколку пати го носел во овластен сервис на поправка.
„Последниот пат кога го однесов телевизорот на сервис, поднесов барање за да ми го заменат со нов, бидејќи не сакав повторно да ми се повтори истиот проблем. Но сè уште чекам одговор од компанијата. Ако бидам одбиен, ќе се жалам во Агенцијата за заштита на потрошувачите, бидејќи мислам дека имам право на нов производ“, рече нашиот соговорник.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), пак, брифираат дека до нив често стигнуваат поплаки за дефекти на бела техника, компјутери, мобилни телефони…
Оттаму велат дека чест е случајот производот да биде продаден со софтверска грешка, а продавачот да не сака да го замени.
„Потрошувачите имаат право на замена на производите или враќање на парите додека трае гарантниот рок. Доколку производот се расипе трет пат по гарантниот рок, може да се поправи, но во тој случај поправката си ја плаќа потрошувачот. Трговецот или сервисерот е должен 5 години од денот на производството да има резервни делови“, брифираат од ОПМ.