Актуелно 05.11.2018 10:02

Курц во посета на Србија

Курц во посета на Србија

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска ќе престојува во посета на Белград, каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.

Според најавите од Виена, главна тема на средбите на Курц со неговите српски домаќини ќе бидат билатералните односи, дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и процесот на приближување на Србија кон ЕУ.

Ова е втора посета на Србија на висок австриски претставник во краток временски период, откако пред неколку недела во Белград престојуваше претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен.

Од Белград, Курц вечерва ќе отпатува за Приштина, каде утре ќе се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи и со премиерот Рамуш Харадинај, по што ќе ги посети и австриските војници во составот на Меѓународната мисија на Косово (КФОР).

Во соопштение на Кабинетот на Курц се наведува дека целта на неговите посети е „да ги охрабри Белград и Приштина за понатамошен напредок во дијалогот, што е предуслов за членство во ЕУ“.

– ЕУ ќе биде целосна дури кога нејзини членки ќе станат и државите од Западен Балкан, се наведува во соопштението.