Актуелно 17.12.2018 13:47

ЛДП ги залади односите со СДСМ: Бевме со вас кога беше најтешко, сега сме на маргините!

ЛДП ги залади односите со СДСМ: Бевме со вас кога беше најтешко, сега сме на маргините!

Горан Милевски е реизбран за претседател на Либерално Демократската Партија на седмото изборно Собрание на партијата. Во неговиот говор на Конгресот, тој ја нападна коалиционата партија СДСМ и отворено изрази незадоволство од нивниот однос.

Милевски незадоволен од распределбата на функции во власта, истакна дека неговата партија со само еден министер без ресор се наоѓа во подредена позиција во Владата.

-Ние бевме со СДСМ кога им беше најтешко, а сега сме на маргините на оваа власт. – кажа Милевски на Конгресот пред 500 присутни луѓе.

Тој истакна дека новото партиско раководство сериозно ќе разговара со СДСМ за коалициониот договор, а единствената причина поради која што се сеуште дел од владејачката структура е интеграцијата во ЕУ и НАТО.

-Новата екипа ќе има разговор со раководството на СДСМ во следниот период, да ја разгледаме уште еднаш коалицијата и коалициониот договор. Пред се треба да заврши процесот на интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, да не правиме тука проблеми. Откако ќе заврши тој процес, како што кажав ќе се судриме со нашите концепти, либерални со демохристијанските и социјалдемократските. Тоа и треба на Република Македонија, збогатување на политичата понуда, и конкуренција на програми и идеи. – рече Милевски.

ЛДП ја разгледува можноста самостојно да настапат на претседателските избори, а конечната одлука ќе ја соопштат во февруари.

-Да видиме кој ќе биде предлогот од нашиот коалиционен партнер, дали е премиерот дали е некој друг и од сето тоа ќе зависи дали ние ќе го истакнеме кандидатот. Во овој момент сериозно разговараме со луѓе внатре од партијата, но и надвор од партијата, од граѓанскиот сектор на заинтересирани кои што би ја прифатиле оваа кандидатура. – истакна претседателот на партијата.

Либерал-демократите се изричито против прогресивнот данок и не се согласуваат со одлуката на Владата да воведе прогресивен данок кој ќе ги опфаќа оние лица, кои земаат плата од над 90.000 денари. Од ЛДП се залагаат за рамен данок, но тие не се единствени. Нискиот рамен данок на претходната власт, всушност ја направи Македонија атрактивна за странските и домашните инвеститори, а тоа го потврди и Германската стопанска комора во Македонија која јавно се спротистави на прогресивното оданочување.

Од ЛДП не се согласуваат ниту со најавениот Закон за аменстија за лицата вклучени во настаните на 27 април. Тие сметаат дека извршната власт не смее да се меша во судските одлуки, па затоа, според нив, подобро е прво да се донесат пресудите, а потоа да се види кој е, а кој не е виновен.

На Конгресот, Горан Милевски не беше единствен кандидат. За претседателското место се бореше и пратеничката Никица Корубин, која важи за блиска до СДСМ.

Веднаш по Конгресот, провладите медиумите, го нападнаа Милевски, а Корубин излезе од пратеничката група и најави дека ќе дејствува како независен пратеник.

Корубин, вчера обелодени дека од денеска, ќе продолжи да делува во Собранието на РМ како независен пратеник. Таа објави дека во иднина ќе делува како фракција во партијата ЛДП, чиј член е.

– Утре ќе го известам Претседателот на Собранието на Република Македонија за одлуката. Во рамките на ЛДП ќе делувам како фракција. Ако сакаме демократија во општеството, мора да имаме демократија во политичката партија. – соопшти Корубин.

Ова не е прв пат некој од ЛДП да застане под чадорот на СДСМ. Пред неколку години, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, кој беше претседател на ЛДП, излезе од таа партија, па СДСМ го згрижи и му подари функција заменик министер за надворешни работи.

По овие сериозни несогласувања со СДСМ, се отвора сценариото ЛДП, после јануари, да остане во власта, но повеќе да се солидализира со нивните автономни политички иницијативи и одлуки, односно да се бори за либерал-демократските, а не за социјалдемократските вредности.