Економија 28.05.2024 11:54

Ле Мер: Целата светска економија е загрозена поради евтиниот кинески извоз

Ле Мер: Целата светска економија е загрозена поради евтиниот кинески извоз

Целата светска економија е во опасност да биде презаситена со евтин кинески извоз, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, за време на состанокот со колегите од земјите од Групата 7 (Г7) во Стреса, Италија.

Присутните директно ја повикаа Кина, бидејќи се согласија да „одговорат на штетните практики и да размислат за преземање чекори за да обезбедат еднакви услови за играње“, пренесе Блумберг, објави Политика.

„Мораме да се справиме со тоа прашање“, рече Ле Мер.

Од Блумберг, велат дека водечките индустриски нации се здружуваат за да се спротивстават на предизвикот на кинескиот прекумерен капацитет, кој според нив им се заканува на нивните домашни производители. Ваквите експлицитни зборови претставуваат еден вид на ескалација во однос на претходниот поизмерен и намален дискурс кога станува збор за кинеската трговија.

Изјавата на министрите за финансии на Г7 уследи по најавата на Вашингтон во петокот дека претседателот Џозеф Бајден повторно ќе воведе царини за стотици кинески увозни производи. Во меѓувреме, ЕУ се ближи до крајот на истрагата за субвенции за електрични возила што најверојатно ќе доведе до одбранбени мерки против кинескиот извоз на автомобили, пренесува Танјуг.