Живот 03.05.2018 10:17

Лекари на диво работеле во Катлановска бања, се трошеле пари од ФЗО

Лекари на диво работеле во Катлановска бања, се трошеле пари од ФЗО

 

Катлановска Бања на диво лекувала пациенти. Во установата ординирале лекари без лиценци за работа, а од Фондот за здравствено осигурување давале пари за пациентите што се лекуваат во бањата и покрај тоа што правниот субјект немал дозвола за вршење здравствена дејност.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат истакнуват дека е забрането вршење специјалистички и прегледи во Мој Термин во Катлановска бања, се додека лекарите не обезбедат соодветена дозвола за работа. Бањското лекување, пак, може да се изведува непречено.

Последен пат инспектори извршиле надзор минатото лето, но тогаш не се забележани неправилности и не е евидентирано дека установата нема дозвола за вршење здравствена дејност.

Од Лекарската комора на Македонија тврдат дека од Катлановска бања до нив не е доставено барање за издавање времена лиценца за работа на анестезиолог, ортопед и дефектолог.

Нема ниту одговор од Фондот за здравствено осигурување околу тоа како биле склучувани договори за купување здравствени услуги од Катлановска бања ако не постои дозвола за вршење на здравствена дејност.

Пациентите кои се наоѓаат на постоперативно лекување во бањата ќе останат таму до крајот на третманите. Забрането е примање нови пациенти потенцираат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Оттаму велат дека нормализирање на работата во установата ќе следи во моментот кога ќе им биде доставена уредна дозвола за вршење здравствена дејност.