Актуелно 12.06.2024 08:45

„Лидл“ го купи објектот на „Скопски пазар“ во Гази Баба за 9,5 милиони евра

„Лидл“ го купи објектот на „Скопски пазар“ во Гази Баба за 9,5 милиони евра

„Лидл Северна Македонија“ купи објект во скопската општина Гази Баба од компанијата „Скопски пазар“ за 9,5 милиони евра. Станува збор за објектот каде што до неодамна беше сместен продажниот салон на „Бриколаж“, и за кој подолго време се зборува дека ќе биде еден од маркетите на „Лидл“ во Скопје.

За зделката денеска преку Македонската берза информираше „Скопски пазар“, при што во објавата се вели дека станува збор за голема зделка за која котираните компании имаат обврска јавно да известат.

Според информацијата доставена до Берзата, одлуката на Надзорниот одбор на Скопски пазар за продажба на објектот била донесена на 18 април, при што предмет на продажба е недвижен имот евидентиран на КП 1306/1 и КП 1306/2 КО Гази Баба и соодветно запишани на имотен лист 8882 КО Гази Баба и имотен лист 1077 КО Гази Баба.

„Вредност на зделката (вклучувајќи, без ограничување, заем, кредит, залог, гаранција) или меѓусебно поврзани зделки, доколку таквата зделка, односно зделки се однесуваат на стекнување или на отуѓување, или на можно отуѓување, директно или индиректно на имот на
друштвото чијашто вредност изнесува над 20% од книговодствената вредност на имот на
друштвото определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото, со исклучок на зделки извршени (остварени) во текот на редовното работење на друштвото, зделки поврзани со стекнување преку запишување обични акции на друштвото, и зделки поврзани со стекнување на конвертибилни обврзници, како и други зделки определени во статутот на друштвото како зделки на кои ќе се применува постапката на одобрување на големи зделки, на начинот определен со Законот за трговски друштва.
1) апсолутен износ: 9.564.485 евра без вклучен ДДВ (или 588.911.166 денари без вклучен ДДВ)
2) релативен износ 19,30% во однос на вредноста на имотот на друштвото, односно 25,04% од вредноста на капиталот и резервите на друштвото определени врз основа на последните
финансиски извештаи на друштвото Цената соодветствува со пазарната вредност на таков тип на зделки“, се вели во објавата доставена до Македонската берза.
Инаку, во втората половина на јануари годинава „Лидл“ ја претстави својата најголема инвестиција во земјава, логистичкиот центар во близина на Куманово. Ова досега е највредна инвестиција на „Лидл“ кај нас со вкупна вредност од 80 милиони евра, којашто ќе отвори повеќе од 150 работни места.

Парцелата во Куманово опфаќа површина од 170.997 метри квадратни, вклучувајќи логистички центар од 63.000 метри квадратни и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура.

И Општина Битола планира да гради комплетна инфраструктура за продажниот центар на познатиот синџир „Лидл“ и трговскиот комплекс „Блис“ чии градби започнаа на локацијата на Дулие на самиот влез во Битола од страната на Прилеп.

„Лидл Северна Македонија“ веќе вработува повеќе од 100 вработени, а дел од корпоративнатга политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители.

Пред еден месец над 130 македонски компании беа запознаени со можностите за соработка со „Лидл“. Како што беше посолчено на средбата основната идеја на „Лидл“ во сите земји во кои е присутен, претставува развој на локалните производствени капацитети и заеднички раст и развој со нашите локални партнери, и иако „Лидл Северна Македонија“ се уште не е целосно оперативен, овој процес веќе активно функционира.

Од „Лидл“ тогаш посочија дека уште минатата година започнале со проект за промоција на македонски традиционални производи во „Лидл Србија“ и „Лидл Бугарија“, каде ги претставиле македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и други производи.

„Извозот кој ќе го реализираме преку ‘Лидл Северна Македонија’ до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година“, посочија тогаш од „Лидл“.

„Лидл“ е дел од групацијата „Шварц“, присутен во 31 земја, со промет од 114 милијарди евра, 12 200 маркети и над 380 000 вработени.