Луѓето не се откажале од купувањето златен накит за матура, но како што велат од златарниците, од година во година купуваат помалку и се фаќаат за она што е најевтино. Кај нас луѓето за подарок земаат златни привезоци, синџирчиња, нараквици. Од златарниците велат дека луѓето трошат од 1.000 до 5.000 денари за накит. Цената на златото во светски рамки расте.
„Нормално дека луѓето купуваат, ама послабо од порано. Продажбата на златото е намалена. Претежно земаат синџирчиња, нараквици, некој прстен за подарок за наставнички. Трошат обично по 4.000 до 5.000 денари за подарок. Секој млад денес сака нов телефон. Ако порано 500 евра планирале да потрошат за златен накит, сега со тие пари купуваат телефон. Не е како порано, а воедно и цената на златото се покачи и не можат да си купат тоа што планирале. Тој што планирал поскапо синџирче, сега му излегува скапо така што или се откажува или купува поевтино. Претежно купувачите реагираат дека е скапо. На светските берзи златото е покачено“, велат од златарница од Скопје.
Велат дека секоја година е различно, но бизнисот секако потешко оди од година во година. Пред 10-15 години објаснуваат дека златото беше поевтино, луѓето повеќе купуваа и беше подобро.
„Три-четири години е послабо и за матури и за 8-ми Март. Скапо е златото. Среброто се купуваше по нешто, но и тоа се покачи. Но, во однос на златото, среброто сепак е евтино. Сите прво се фаќаат за злато, а потоа за сребро. Родителите за децата купуваат сребро. Најчесто земаат привезоци, затоа што се најевтини, нив ги има за 1.000 или 1.200 денари. Пред пандемијата на корона беше далеку подобро, а оттогаш е блокирано, едвај покриваме трошоци. И за свадбите не е како порано. Купуваат бурми и обетки за невестата и тоа потенко, полесно, таков стандард имаме. Кога има пари секој ќе купи, ама тешко е“, додаваат од друга скопска златарница.
Слично е и во внатрешноста на Македонија. Граѓаните сакаат да купат подарок накит, ама скромно.
„Поретко купуваат злато поради високата цена. За злато им требаат 3.000 денари за да купат подарок. За тие пари можат да земат само привезок или некое тенко прстенче, а за нешто друго ќе треба да одвојат 4.000 денари или повеќе. Сега среброто се купува поради цената. Тоа е многу поевтино и моделите се интересни“, велат од златарница од Прилеп.
Грам злато сега се продава за 72 евра. Златарите не очекуваат намалување на цената, напротив не се исклучува можноста тоа да поскапи. Во периоди кога има геополитички промени, војни, инвеститорите вложуваат во злато. Цените на златото се искачија на рекордно високо ниво, при што во понеделникот спот злато достигна ново највисоко ниво од 2.449,89 долари за унца.