Финансии 11.06.2025 13:03

Љутков: Обезбедени се речиси 24 милиони денари за санација на блок 3 и 5 и кровот на Универзитетска библиотека „Св. Климент Охриски“

Љутков: Обезбедени се речиси 24 милиони денари за санација на блок 3 и 5 и кровот на Универзитетска библиотека „Св. Климент Охриски“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информира дека завршени се сите процедури и обезбедени се скоро 24 милиони денари за санација на блок 3 и 5 како и кровот на универзитетска библиотека „Св. Климент Охриски“-Скопје.

Министерот на денешната прес – конференција во библиотеката посочи дека избран е надзор за проектот и дека почнува санацијата.

-Лани неполна година направивме увид на состојбата на библиотеката и она што го видовме беше во очајна состојба. Ветивме големи чекори за санација и од тој период до сега заедно со директорот ги звршивме сите процедури. Конечно заврши јавната набавка и обезбедени се скоро 24 милиони денари за санација во првата фаза, а тоа се блоковите 3 и 5 и поправка, конкретно на покривот за да нема протекување во објектот. После долги години првпат се случува ваква санација во овој објект и се надевам во идниот период после завршувањето на овој зафат, мислам дека тоа е некаде за околу шест месеци, до крајот на оваа година треба да заврши, ќе продолжиме со санација и на другите делови и останатите фази. Избран е и надзорот за проектот, сите фази се завршени и почнуваме со санација, изјави Љутков.

Директорот на библиотеката Јовица Ничевски информира дека ова е само првата фаза од проектот.

-Со ова би ја завршиле првата фаза, бидејќи се состои од три фази. Втората опфаќа замена на плафонските стакла и третата фаза е реставрација на фасадната површина на мермерните блокови, но тоа би било согласно владината програма, рече тој.

Во однос на новиот дел во библиотеката кој бил пуштен во 2009 година Ничевски посочи дека долги години не е во функција поради запоставеност.

-Новиот дел кој е пуштен 2009 година, за жал, и тоа е еден дел кој е оставен без нормално греење и ладење и системот долги години не е во функција, не е сервисиран не е доволно одржуван. Но ние правиме напори односно сме во фаза на отворање мултимедијална читална и за кратко време околу септември планираме да ја отвориме таа мултимедијална читална и дел од таа зграда веќе би бил во употреба, соопшти тој.

Одговорајќи на новинарско прашање за дистрибуцијата на правописот, рече дека тоа е исто така една од тековните работи за кои се обидуваат да ги завршат што поскоро.

-Правописот е исто така една од тековните работи кои ветивме дека ќе ги завршиме можам да кажам дека повеќе од 50 отсто е дистрибуирано и тоа во најголем број од библиотеките, дел од факултетите, имаме договор со агенцијата за иселеништво и преку нив дистрибуираме во странство како што веќе знаете имаме договор со ЗЕЛС за да ги опслужи основните училишта, следни се министерствата и се надевам до септември целосно ќе завршиме, изјави тој.