На стручната фела во областа на градежништвото и проектирањето не ѝ беа доволни три години да се обучи откако на 2 септември 2020 година стапија на сила еврокодовите – европските стандарди за проектирање градежни конструкции, чија имплементација требаше да почне од 2 септември оваа година. Министерството за транспорт и врски направи измена на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање од август 2023 година со кој проектирањето на градежните конструкции во Македонија ќе започне од 2 септември 2024 година и ќе биде исклучиво според еврокодовите, кои гарантираат трајни и безбедни објекти.
Ресорниот министер Благој Бочварски деновиве истакна дека пролонгирањето на примената на европските стандарди е по барање на Комората на овластени архитекти и инженери, како и на професорите со цел да продолжи обуката на оние што по една година ќе мораат да ги проектираат и да ги градат конструкциите согласно со тие нови стандарди, што е процес и обврска што Република Македонија мора да ја исполни во процесот на пристапување кон Европската Унија.
– Одложената примена беше донесена со цел низ овој временски период да се изврши соодветна едукација на сите чинители во градежната дејност, заради нивна доследна имплементација во градежништвото. Имплементацијата на еврокодовите е процес на усогласување со европската регулатива, со што ќе се олеснат пристапот и конкурентноста на домашните градежни компании на европскиот пазар – велат од ресорното Министерство.
Министерот Благој Бочварски потенцира дека нема да се дозволи повторно одлагање по 2 септември 2024 година, бидејќи, како што рече, „доаѓаат крупни проекти во државата што бараат проектирање согласно со овие нови процедури и треба подготвени да ги пречекаме“.
– Тоа е процес каде што сите земји од регионот се движат во таа насока и Македонија мора да биде подготвена да ги примени – вели Бочварски.
Со правилникот што беше донесен во 2020 година се даде право да се избира по кои стандарди ќе се проектира, односно ќе се работи проектната документација – по старите македонски стандарди, преземени од поранешна Југославија и прифатените дел од европските стандарди. Тоа резултираше со импровизации и во стандардизацијата.
ЕУ има воспоставено вкупно 58 стандарди во градежништвото, поделени во десет групи, односно десет еврокода, со по неколку стандарди. Дрвените, бетонските, металните, армираните конструкции и сè што се однесува на градењето згради, мостови и друго ќе се работи согласно со еврокодовите.
Секој од стандардите има национален анекс, во кој треба да бидат вметнати карактеристиките на земјата: геофизички, земјотресни, сеизмолошки. Кај нас, доколку сакаме да градиме зграда или мост во некој град, треба се земат предвид брзината на ветрот, дождот, снегот, сеизмологијата, односно карактеристиките на самото подрачје.
Тоа е еден сериозен исчекор на македонското градежно инженерство, кој треба да биде потпомогнат и од релевантните структури. Сегашноста покажува дека тешко оди процесот на приспособување кон европските стандарди или, пак, можеби, оваа задача е преобемна за нас, поради премногу импровизации во градежништвото.