Туризмот оди во нагорна линија – државната статистика мери раст и на бројот на гости и на остварените ноќевања. Бизнисмените од овој сектор се жалат на нелојалната конкуренција но остануваат оптимисти.
ДЗС: раст на бројот на туристи и на остварени ноќевања

Во Македонија во февруари годинава имало 41.182 туристи кои оствариле вкупно 89.301 ноќевање. Во однос на февруари лани е остварен раст од 11.7 односно од 11.8%.
Од вкупниот број на туристи, 41.182, повеќе од половина односно 26.519 биле странски а 14.633 домашни.
Најголем дел од туристите доаѓаат од потесниот регион: Грција (11.7%), Србија (10.7%), Косово (10.3%), Албанија (9.5%), Турција (9.3%), Бугарија (8.1%).
Бројот на гости од далечните земји е далеку помал. Во февруари земјава ја посетиле само 4 туристи од Нов Зеланд, 4 од Јужна Африка, 12 од Бразил.
Најголем дел од хотелските групации со намалена заработка
![]()
Сепак, позитивните статистички податоци не се рефлектираат во финансиските извештаи на хотелските групации кои котираат на Македонската берза.
Македонијатурист која ги менаџира хотелите Holiday Inn, Best Western, Карпош, Белви, Водно 2017-та година ја завршила со солидна добивка од 1 милион и 787 илјади евра што е за 7% помалку во однос на 2016-та. Заработката по акција била 270 денари.
Интернешнел хотелс минатата година ја завршил со профит од 61 и 500 евра што е намалеување за 43%.
Од друга страна Хотели Метрпол Охрид има раст на добвиката од фантастични 95% откако 2017-та ја заврши со профит од 390 илјади евра.
Малите пансиони голем проблем за хотелите

Нелојалната конкуренција од малите пансиони но и се популарните online сервиси како Airbnb и booking.comсе главниот проблем за македонските хотели.
На интернет се огласува се – станови и соби, мали хотели и пансиони со понуди за глобалниот пазар.
Речиси 800 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. Најголем дел се во Охрид и во Скопје, но ги има речиси во сите градови – Берово, Кратово, па и дури и Радовиш.
„На располагање туристички водич до сите околни знаменитости… Бесплатно перење и пеглање на алишта“ – ова се дел од бонусите што ги даваат сопствениците во обид да привлечат гостин повеќе.
Туризмот засега учествува со само околу 2% од вкупниот Бруто – домашен производ (БДП), а девизните приливи на годишно ниво се околу 200 милиони евра.