Актуелно 10.12.2018 20:02

Македонија останува без квалификувани градежни работници

Македонија останува без квалификувани градежни работници

Додека градежниот сектор зема залет и го билда економскиот раст, Македонија останува без квалификувани градежни работници. На пазарот на трудот армирачи нема ниту за лек, а добри ѕидари и тесари тешко се наоѓаат, иако се најбарани.

Квалификувани мајстори и за другите бранши има најмалку досега, бидејќи никој не сака да учи занает. Од друга страна, понудата на интелектуалци во државата е огромна, а побарувачката минимална. Според искуствата на агенциите за привремено вработување, од “поинтелектуалните” работи најмногу се бараат лепачи на декларации, презентери на производи, продавачи и сметководители, но под услов да работат самостојно. Во последно време стивнува интересот за информатичари, а правници и економисти, особено магистри и доктори на науки во приватниот сектор веќе никој не сака.

Градежните фирми на кои во моментов им требаат најмногу работници со обезбедување квалификуван кадар се снаоѓаат како знаат и умеат. Средните стручни училишта обучуваат кадри за минимален број занаети, зашто никој не сака да учи за ѕидар или тесар, бидејќи ќе треба да работи тешка работа за малку пари.

Oд тие причини старосната структура на образованиот и квалификуван кадар во градежништвото е алармантна. На скелиња се качуваат мајстори со над 55 години, додека младите, без разлика на тоа какво образование имаат, во градежништвото влегуваат и се приучуваат само ако немаат друг избор.

Денес занаетот не се учи во училиште, туку на објект. Таму се создаваат нови тесари, ѕидари, плочкари, но проблемот со недоволно армирачи тешко се решава, зашто таа работа на тој начин не се учи.