Економската, енергетската, па и политичката криза во коишто е западната земјава не се ништо во споредба со кризата со стерилитетот кај машкото население во Македонија, предупредуваат лекарите.
Бројката на стерилни мажи веќе е изедначена со бројката на стерилни жени, а тој податок во голема мера ги загрижува надлежните.
Денар разговараше со експерти од таа област кои објаснуваат дека стресот е главната причина за ваквата состојба, бидејќи токму стресот директно ја нарушува и ја фрагментира хорматинската структура во самите сперматозоиди, а тоа силно ја намалува нивната оплодувачка моќ за природно забременување.
Уште една причина за стерилитет, додаваат лекарите, е пушењето цигари.
– Стресот е на првото место и тој е „кралот“ на причините за стерилитет кај мажите. Но, исто така, не смееме да го заборавиме и факторот – пушење цигари. Пред некое време изработивме студија во која го следевме влијанието на пушењето цигари врз резултатите од вонтелесното оплодување. Резултатите од истражувањето покажаа дека сперматозоидите се прилично побавни кај мажите пушачи, а состојбата драстично се влошува доколку и жената е пушач – објаснуваат лекарите.
Како што велат, состојбата со стерилни мажи е повеќе од загрижувачка.
– Без разлика на причината, процентот на стерилни мажи е зголемен во последните неколку години. Стерилноста, досега, главно им се припишуваше на жените, но сега процентот на стерилни мажи и стерилни жени во Македонија е изедначен. И ова е сериозна работа, оти зборуваме за иднината на државата, зборуваме за идните поколенија, за идните генерации… Ако нешто не се преземе во брзо време, црно ни се пишува – велат експертите.
На прашањето како да им се помогне на овие луѓе кои секојдневно се соочуваат со стресови и нервози, поразговаравме и со психологот Маја Ангеловска од Скопје.
– Тие луѓе мораат самите да си помогнат, бидејќи никој друг не може да им помогне. Стерилитетот е сериозна работа, а кога мажот ќе ја чуе дијагнозата, верувајте дека целиот свет му паѓа врз главата. Стресот дополнително се зголемува, се раѓа анксиозноста, па и депресијата, а потоа следуваат и проблеми во бракот. Затоа, потребна е смиреност. Мажите, па и жените, треба сериозно да му пристапат на проблемот, да го откријат изворот на стресот и нервозата, и секако, да се обидат да живеат без стрес и нервоза. Ако причинителот за стрес е работното место, тогаш најдобро е да се промени работното место. Поколението е поважно од сѐ, децата се најголемото богатство и не вреди човек да се стресира – објаснува Ангеловска.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство брифираат дека речиси две третини од испитувањата на сперма што се прават во нивната лабораторија покажуваат дека тие се под нормалните вредности.
Резултатите од спермограмите направени пред некоја година покажале дека дури 63 проценти од испитаниците имале некаков проблем, односно спермата им била под нормалните вредности.
Од Клиниката, неофицијално, велат дека во нивната лабораторија годишно се прават над 900 спермограми, најчесто кај мажи кои планираат инвитро-оплодување со својата партнерка.