Актуелно 28.03.2024 10:09

Македонската инфлација на средина помеѓу романското ниво од 7 отсто и минималното зголемување на цените во Данска од половина процент!

Македонската инфлација на средина помеѓу романското ниво од 7 отсто и минималното зголемување на цените во Данска од половина процент!

Инфлацијата се уште една од главните проблеми во државите од Европа. Предизвици со тоа како да се намалат трошоците за живот на граѓаните имаат и развиените држави каде куповната моќ на граѓаните е далеку подобра од оние кои се дел од земјите во развој.

Денар подготви анализа за движењето на инфлацијата на месечно но и на годишно ниво на 30-тина држави од стариот континент.

Податоците до кои дојдовме велат дека највисока годишна инфлација има Романија со нешто над 7%, а најниска во Латвија и Данска со идентично ниво на инфлација од 0,6 отсто. Македонија се наоѓа на средина на листата со годишна стапка на инфлација од 3 отсто.

Оваа анализа ја започнуваме со податоците за состојбата во Еврозоната, кои покажуваат дека на месечно ниво, односно во февруари годинава во однос на првиот месец од 2024 година, инфлацијата е зголемена за 0.6 отсто, а пак информациите велат дека во периодот феврувари 2023 – февруари 2024 година инфлацијата е на ниво од 2,6 отсто. Што се однесува до сите држави членки на Европската унија во просек инфлацијата на месечно ниво е исто така 0,6 отсто, а пак на годишо ниво нешто повисока од Еврозоната и изнесува 2,8 отсто.

Официјалните податоци на Европската статистика покажуваат дека највисоки трошоци за живот во моментов имаат романците, односно во Романија во годишниот анализиран период инфлацијата е на ниво од 7,1 отсто, на месечно ниво оваа држава членка на Европската Унија има инфлација од 0,8 отсто. На второ место по висина на инфлацијата е Исланд, со годишна стапка од 5, 3 отсто и месечна инфлација од 1,4 отсто. Следуваат Естонија и Норвешка со инфлација на годишно ниво од 4,4 отсто и месечни трошоци за живот зголемени за 0,1 односно 0,2 отсто. Австрија е последна држава која има инфлација од над 4 отсто односно 4,2 отсто на годишно ниво, а пак месечната инфлација и е на ниво од 0,7 отсто.

Следуваат државите во кои инфлацијата се движи од два до три отсто. Највисока годишна во овој ранк има Полска со 3,7 отсто, 3,6 Унгарија, Белгија 3,6, Бугарија 3,5 отсто. Податоците велат дека годишната инфлација во Франција изнесува 3,2 отсто а пак во Грција инфлацијата е на ниво од 3,1 отсто. Во Словачка инфлацијата е на ниво од 3,8 а пак во Словенија 3,4 отсто.

Информациите велат дека под три отсто инфлација има најмоќната европска економија, а тоа е Германија каде таа е на ниво од 2,7 отсто. Во Шпанија инфлацијата е 2,9 отсто на годишно ниво а пак во Ирска и Португалија 2,3 отсто, во Холандија 2,7 во Чешка 2,2, а во Швајцарија 1,2 отсто.

Финска и Литванија имаат инфлација од 1,1 отсто, а пак најниски инфлации има во Италија 0,8 отсто Латвија и Данска 0,6 отсто на годишно ниво.

За Македонија податоците велат дека инфлацијата во февруари изнесува 3 отсто во однос на истиот месец лани, а на месечно ниво во однос на јануари инфлацијата изнесува 0,4 отсто. ()