Актуелно 01.11.2023 09:11

Македонски Телеком оствари успешни резултати од работењето во третиот квартал од 2023 година

Македонски Телеком оствари успешни резултати од работењето во третиот квартал од 2023 година

Македонски Телеком продолжува со успешното работење и со позитивен тренд на раст и во третиот квартал од 2023 година. Од почетокот на годината, бројот на корисници континуирано расте, а во фокусот останува интензивното ширење и зголемување на капацитетот и квалитетот на мрежата, особено на оптичката и 5G инфраструктура.

Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 11,6 проценти споредено со истиот период минатата година, а нето добивката е во пораст од дури 29,7 проценти. Приходите од продажбата се стабилни и кај нив се бележи раст на приходите од основниот бизнис од 5,3% во мобилниот сегмент и 4,3% во фиксниот сегмент.

Ширење и развој на гигабитна мрежа

Доследни на нашата определба да ги поврземе сите, продолжуваме со интензивното ширење на оптичката и 5G инфраструктура на целата територија. Во првите девет месеци од годината, бројот на оптички пристапи е зголемен за 13% и изнесува 303 000. Ова е резултат од масовната миграција на корисниците од бакар на оптика во сите делови од државата каде што има оптичко покривање. Продолжува ширењето и на 5G мрежата, којашто сега можат да ја користат 82% од населението со гигабитни брзини во повеќето градови во Македонија.

Фокус на задоволството на корисниците

Расте бројот на корисници во сите сегменти, што е резултат на нашата посветеност да им пружиме на корисниците врвни услуги и постојана поврзаност секогаш и секаде. Остануваме број 1 според TRI*M индексот за мерење на задоволството на корисниците, којшто на крајот на третиот квартал бележи зголемување и изнесува 94 поени.

Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 2,8 проценти и изнесува 208,7 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 2,7 проценти.
Ја задржуваме лидерската позиција на ТВ пазарот со удел од 33,6 проценти и раст од 1,1 проценти или 149,3 илјади корисници. И во мобилните комуникации се бележи зголемување на базата на корисници за 2,8 проценти, со што бројот на корисници достигна 1,33 милиони. Во фиксната телефонија, остануваме на водечката позиција со удел од 61,8 проценти и 227 илјади корисници на крајот од првите девет месеци од 2023 година.

„Стабилниот раст продолжува и во третиот квартал од годинава и покрај сите предизвици. Продолжуваме со силен фокус да инвестираме во гигабитна мрежа којашто ќе овозможи целосна поврзаност и подеднакво учество во дигиталниот свет. Горди сме на порастот на бројот на корисници во сите сегменти, како и на високиот индекс на корисничко задоволство, TRI*M, според кој сме број еден повеќе години и кој достигна 94 во третиот квартал. И покрај сите неизвесности коишто влијаат врз глобалната економија, ќе продолжиме да работиме за да ги надоместиме негативните трендови и да овозможиме најдобро корисничко искуство“ – истакна Славко Пројкоски, Главен директор за финансии на Македонски Телеком.