Актуелно 19.10.2023 10:48

Македонскиот подмладок ќе гради туѓи економии: Се намалува бројот на децата родени во земјава, а се зголемува во странство

Македонскиот подмладок ќе гради туѓи економии: Се намалува бројот на децата родени во земјава, а се зголемува во странство

Во 2022 година бројот на живородени деца изнесуваше 18.073. Но, во 2021 година имало 18.648 деца, што значи дека лани во однос на преклани имало 575 помалку родени деца. Истовремено, во 2022 година во странство се родиле 5.825 деца, што е за околу 1.000 деца повеќе отколку во 2021 година

Македонија сè повеќе ќе има проблеми со работната сила, затоа што од година во година се намалува бројот на живородени деца. Од друга страна, податоците покажуваат дека во странство од година в година се зголемува бројот на живородени деца, што е уште една потврда за иселувањето на работоспособното население кое во некоја туѓа земја го раѓа својот потомок.

Она што особено загрижува, како што истакнува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, е тоа што бројот на живородени деца во континуитет се намалува, а не како инцидентна појава во текот на минатата година.

– Во последните неколку години бројот на живородени деца континуирано се намалува во земјава. Претходно, бројот почесто или се намалуваше или се зголемуваше. Но, овие констатирани појави сè во согласност со меѓународните дефиниции и стандарди. Живородените деца што се родени во друга земја надвор од нашата, не се бројат во население во нашава земја – објасни за „Слободен печат“ Герасимовски.

Поткрепено со бројки, ова значи дека во 2022 година бројот на живородени деца изнесуваше 18.073. Но, во 2021 година имало 18.648 деца, што значи дека лани во однос на преклани имало 575 помалку родени деца. Истовремено, во 2022 година во странство се родиле 5.825 деца, што е за околу 1.000 деца повеќе отколку во 2021 година.

– Бројките јасно покажуваат дека наспроти падот на бројот на живородени деца кај нас, расте бројот на децата што се раѓаат во странство – дециден е Герасимовски.

Тој вели дека со податоците со кои располагаме можеме да направиме анализа како со живородените деца во земјава така и со живородените деца во други земји.

– Најмногу живородени деца во странство во 2022 година имаме во Германија кога биле родени 1.987 деца, потоа е Швајцарија со 1.411, Италија со 901, Австрија со 429, Белгија со 90… Според општината од која заминале нашите државјани, најмногу деца има родени од родители што потекнуваат од Гостивар и тоа 637, потоа е Тетово 373, Струга 363, Куманово 321, Врапчиште 275, Желино 225, Липково 224, Боговиње 206, Кичево 196, Чаир 188, Сарај 145, Струмица 139, Брвеница 118, Теарце 115 како и некои помали општини како што се, Шуто Оризари 95, Пласница 94, Дебар 91, Маврово Ростуше 86, Центар Жупа 75, Ново Село 66, Долнени 48 – вели Герасимовски.

Герасимовски загрижено прашува: „Со една ваква анализа кога бројот на родени деца е поголем од поедини општини во друга земја, што да очекуваме во иднина? Такви општини се Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Липково, Маврово Ростуша, Ново Село, Центар Жупа скоро исто се, Боговиње, Желино, Василево, Теарце, Пласница итн.

Поразителен податок е и дека наспроти намалувањето на бројот на живородени деца, населението во континуитет ни старее. Односно, нова работна сила помалку се создава, а уделот на возрасната популација се зголемува.

Во однос на состојбите на наталитетот во земјава познато е дека не само во 2022 година туку и оваа година, во 2023 година, уште повеќе се намалува, па дури и повеќе од претходната. Така ќе напоменам дека само во првите шест месеци од годинава во седум од осумте региони во имаме во земјава негативен природен прираст на населението а тоа значи дека по природен пат се намалува населението. Меѓутоа, и од 80 општини во земјава ,во 63 имаме негативен природен природен прираст, а само 17 се со зголемување на населението.