Актуелно 04.12.2019 16:37

Македонските фирми да тропнат на вратата на странските и да инсистираат на соработка

Македонските фирми да тропнат на вратата на странските и да инсистираат на соработка

Голем дел од македонските компании не ги исполнуваат стандардите за да станат добавувачи на странските инвеститори во зоните. Странците ги ангажираат домашните фирми за достава на храна, помали услуги и слично, но не и во синџирот на соработници во производството. Од Советот на странски инвеститори велат дека и македонските компании треба повеќе да инсистираат да стапат во контакт со нив. Од државата, од друга страна, пак, бараат владеење на правото, ефикасна јавна администрација за побрзо завршување на процедурите и промена на образовниот систем.

Странците најчесто се жалат на квалитетот и немањето стандарди во македонското производство. Во одредени случаи како пречка за соработка биле споменати и цената на производите и времето на испорака.

Инаку за 9 месеци годинава, во земјава влегле само 131 милион евра странски капитал. Над 200 милиони евра се одлеале од Македонија бидејќи фабриките од зоните ги враќале парите во матичните компании во странство. По слабите резултати, министерката за финансии Нина Ангеловска уверува дека странските инвестиции требало да се гледаат на крајот на годинава, а во овој период нормално било да има приливи и одливи на капитал. Народната Банка, пак, веќе проектираше дека догодина СДИ и извозот ќе имаат помал придонес кон растот, главно поради послабите резултати и побарувачка кои се очекуваат од нашиот најголем трговски партнер, Германија.

 

Извор: Алфа