Поминаа 43 години од кога беше снимена оваа фотографија тогаш деветгодишно виетнамско девојче Фан Ти Ким Фук која зафатена со оган трча гола, со испружени рацете, бегајќи од своето село во пламен.
Црно-белата фотографија, која прикажува една од многуте жртви на војната во Виетнам, е дело на фотографот на Асошиетед прес Хуин Конг Ут, познат како Ник Ут.
Ник Ут за оваа фотографија ја доби Пулицеровата награда, додека во исто време го спасил животот на девојчето. Тој ја однел во најблиската болница, а благодарение на публицитетот, подоцна била згрижена во една специјална болница во Сајгон.
“Навистина сакав да избегам од тоа мало девојче, но се чини дека фотографијата не сакаше да ми дозволи да си одам”, вели Ким, која денеска има 52 години и која сѐ уште се сеќава на кобниот датум 8. јуни 1972, кога нејзиното село беше запалено со напалм бомби.
Ова девојче со своето семејство таа страшна 1972 истрчала на улица за да избега од бомбите што паѓале во близина на нејзиниот дом и го уништиле храмот кој се наоѓал во близина. Тогаш почувствувала ужасна топлина и неверојатна болка. Ја соблекла облеката и продолжила да трча. Со години поминала во болница, а семејството стравувало дека нема да преживее. Раните и лузните ги надминала, но траумите никогаш.
“Секогаш ќе се сеќавам на тој ужасен ден кога трчав од животот до смртта”, рече Ким.
Ут, кој тогаш имал само 21, го однел повреденото девојче во болница, каде што добил ветување дека докторите нема да ја заборават.
“Заплакав кога ја видов како трча и си реков дека морам да ја спасам”, рече Ут, чиј постар брат бил убиен во војната во Виетнам.
Кога, по неговото враќање во Сајгон го развил филмот сите мислеа дека фотографијата нема да биде објавена поради строгите политики на АП која забранувала објавување голотија.
Уредник Хорст Фас, на кој му беше доволно само еден поглед да ја разбере важноста на фотографијата, одлучи да ја објави и не згреши. Фотографијата, која по неколку дена ќе ја шокира светската јавност, истата година ќе добие Пулицеровата награда.
Фотографијата стана славна, но не и Ким Фук која по една година лекување ја напуштила болницата и продолжила да живее во нејзиното мало село, во близина на границата со Камбоџа.
Таа сега има 52 години и живее во близина на Торонто. Мајка е и сопруга позната во светот како преживеана девојка која била на сите насловни страници во 1972 година, седум месеци пред потпишувањето на Парискиот мировен договор, по кој американските борбени сили се повлекле од Јужен Виетнам.
Ким изјави дека на почетокот ја мразела таа фотографија и дека се срамела. Исто така се соочувала со публицитетот што ја носела оваа фотографија. За неа, тоа бил страшен момент во кој таа е снимена… Нејзиното замрзнато лице е во агонија, неколку минути по нападот од кој била запалена и изобличена за цел живот.
Сепак, подоцна сфатила дека таа фотографијата всушност го претставува “патот кон мирот”, а не само страшниот дел од нејзиниот живот.
“Сфатив дека не можам да побегнам од таа фотографија, па решив да работам на неа за мир. И тоа е мојот избор”, рече жената, која се избори против сѐ и стана ментор и амбасадор на ОН.
По многу години, Ким одлучила да го посети дерматолог во Мајами кој е специјалист за ласерски третмани на луѓе со изгореници.
Неколку месеци наназад, Фук направила серија ласерски третмани, а д-р Џил Вубел рече дека нејзината изгорена кожа до некаде ќе ја опорави и дека со овие третмани ќе се намалат нејзините секојдневни болки кои ја мачат.
Како што вели таа во нејзиниот живот, постојат двајца мажи, сопругот и чичко Ут (65).
“Тој беше на самиот почеток и на крајот. Ут ме фотографира прв пат, а сега ќе биде со мене на ова патување, ново поглавје”, рече таа, додавајќи: “Ниту една операција, лек или доктор не можат да го излечат моето срце. Јас само се надевам дека еден ден ќе се ослободам од сите болки.” На прашање колку ја боли, Ким кажа од 10 до 10.
Ут ја гледаше Ким како своја ќерка и загрижен е како овие третмани ќе влијаат врз неа.
“43 години подоцна, како ласерите ќе влијаат врз неа? Се надевам дека лекарите ќе бидат во можност да ѝ помогнат … Ова можело да се среди кога таа имала 18 или 20, но сега има 50. Тоа е долго време”, рече тој.
Неколку недели подоцна Ким рече дека лузните ја промениле на подобро и дека ја јадат бидејќи се лечат – но тоа е многу нетрпелива и сака да го продолжи третманот.
“Можеби се потребни година дена, но јас сум многу возбудена и благодарна”, рече Ким.