Економија 20.01.2019 19:40

Меркел потенцираше дека треба да се произведува 70% повеќе храна

Меркел потенцираше дека треба да се произведува 70% повеќе храна

Во рамки на саемот за земјоделство и храна „Зелена недела“, што се одржува во Берлин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на Глобалниот форум за храна и земјоделство (GFFA).

Како што информираат од ресорното министерство, годинава темата на форумот е „Земјоделството се дигитализира – Паметни решенија за идното земјоделство“.

На денешниот состанок, на оваа тема на меѓународните министри за земјоделство им се обратила германската канцеларка, Ангела Меркел, заедно со министерката за храна и земјоделство на Германија, Јулија Клекнер.

Пред министрите од 70 земји во светот Меркел зборувала за значењето на дигитализацијата за иднината на земјоделството.

Од МШЗВ посочуваат дека Меркел истакнала оти сите земјоделци се соочуваат со заеднички проблеми, како што се климатските промени, трговската размена и пласманот на земјоделските производи. Според проценките на Обединетите нации, додала таа, до 2050 година треба да се произведува 70% повеќе храна за потребите на светот.

„Со помош на дигитализацијата во делот на маркетингот и прехранбената индустрија можеме подобро да ја користиме храната, за помалку да се фрла и да се хранат повеќе луѓе. Ова е само еден од проблемите со кои ќе треба заеднички да се соочиме, а дигитализацијата може многу да помогне во овој процес. Нема единствено решение за сите проблеми, проблемите варираат, но решенијата треба да ги вклучуваат интересите и на малите и на големите земјоделски стопанства, како и способноста за регенерација на природата, односно грижата за животната средина“, порачала германската канцеларка.

Глобалниот форум за храна и земјоделство е меѓународна конференција која се фокусира на централните прашања за иднината на светската индустрија за храна и земјоделство. Истиот нуди уникатна можност за претставниците од политиката, бизнис-секторот, науката и граѓанското општество од целиот свет да споделуваат идеи и подобро да ги разберат темите од земјоделската политика.