Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека е потребно во однос на случајот со пензионерите кои бараат зголемување на пензиите. Тој порача дека прашањето е надпартиско и оти треба да им се даде на пензионерите се што е возможно во овој момент, но тоа мора да биде резултат на преговори.
-За да дојдеме до решението мора најпрво да го лоцираме проблемот. Проблемот настана кога пред неколку години системот за исплата на пензии беше оној стариот функционален систем, кога пензијата растеше два пати годишно според два критериума. Едниот беше растот на трошоците за живот и другиот беше растот на просечната плата. Кога тоа беше укинато од страна на актуелната влада на ДУИ и СДСМ, тоа беше претставено како реформа во пензискиот столб и тука е суштинската грешка, кога пензионерите не го следеа растот на минималната и просечната плата во државата. Оваа година Владата го врати оној истиот стар систем уште од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога пензиите два пати годишно се нивелираа и тоа во јавноста го претставија како швајцарски модел. Тука е изгубен чекорот на исплата на пензиите со минималната, односно просечната плата, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, денес кај пензионерите постои незадоволство бидејќи цените растат, а инфлацијата е огромна. Тој повтори дека од два до три пати се зголемени цените на основните прехранбени производи, но и на лековите, и пензионерите едвај го поминуваат месецот.
-Ние не можеме да ги игнорираме барањата на тие луѓе, откако претходно како Влада тие луѓе сме ги оштетиле, со тоа што сме им скратиле во неколку наврати зголемување на пензиите. Ова прашање е надпартиско, ова е нешто што треба без разлика дали сте власт или опозиција, да седнете заедно со тие луѓе и да договорите, бидејќи станува збор за околу 300 илјади наши сограѓани, рече Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање за време на неговата посета во Виница.