Имаме обврска да ја смениме повеќедецениската слика за политичарите во Македонија кои во голема мера го разочараа народот и го ставија во апатија…. Заев во кампањата на неговиот кандидат Пендаровски не се појавува во ниту еден спот, а тоа е така затоа што и тие знаат дека Заев носи негативен рејтинг, дека не го сака народот и дека може уште повеќе да го повлече Пендаровски надолу. Ова се дел од тезите за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зборува во интервјуто за Пресс24.
Press24: Што за вас преставуваат овие избори, која е целта која си ја зададовте?
-Овие избори не се само претседателски, туку на овие избори навистина се одбира правецот во кој ќе се движи нашата земја. Сметам дека имаме обврска да ја смениме повеќедецениската слика за политичарите во Македонија кои во голема мера го разочараа народот и го ставија во апатија. И ова за мене не е само битка за Претседател, туку битка за принципи и вредности кои се загубија во политиката и дека можен е морал и вредности и дека вреди да се бориме за нив. Ова е битка е на секој еден кој е обесправен, кој почувствувал на своите плеќи неправда кока знае да боли и пече, кој го гуши системот и разочарува реалноста. Големиот број на граѓани кои не излегоа на изборите не е само тоа дека не сакаат избори, туку луѓето станаа апатични поради реалноста која ни се случува. А погледнете што се само се случи изминатите неколку години, политичка криза, промена на име, идентитет, криминални скандали, непотизми, убиства, амнестија на криминалци, неправди. И токму оние кои го донесоа ова сакаат граѓаните да станат идниферентни, за да им помине се полесно. Ова е битка на мојата генерација, на оваа генерација млади луѓе кои сакаат да сменат нешто. Ова е битка на душата и разумот, за држава која сакаме да ја стабилизираме вредносно и системски. Правда е потребна зошто има неправда и таа се чуствува од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Куманово, низ целата земја. Нема правда без одговорност, а одговорноста мора да дојде, без оглед за кого се работи, одговара Мицкоски.
Press24: Премиерот најави чистка од тие причини, мислите ли дека ќе се случи?
-Операцијата метла на Заев е иста како секоја негова нова лага, впрочем ветувањето за живот го замени со ветување за метла, но оваа лага сега нема да му помине затоа што народот веќе има искуство, се докажа дека не ги бива. Операцијата “метла” не е да расчисти со криминалот, туку едноставно да си ја сочува фотелјата, но граѓаните веќе го прочитаа. Тоа е крик на поразен човек кој продава веќе познати трикови. И самото тоа препелкање покажува колку нему му е важна власта, не за да помогне туку единствено важна му е да си ги зачува бинисите и матните зделки. Заев е сидрото кое не ја стабилизира државата, туку ја влече надоле да потоне. Тоа го знаат и луѓето во неговата партија. Погледнете Заев во кампањата на неговиот кандидат Пендаровски не се појавува во ниту еден спот, а тоа е така затоа што и тие знаат дека Заев носи негативен рејтинг, дека не го сака народот и дека може уште повеќе да го повлече Пендаровски надоле, иако овој е негова копија, посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Press24: Заев е уверлив, вели дека ќе расчисти со министрите кои не работат?
-Видете Заев звучеше уверливо и кога велеше дека ќе донесе живот, дека ќе го исчисти воздухот, дека ќе донесе 500 евра плата, а најуверливо звучеше коа се колнеше во жицата и во предците дека нема да го смени Уставот, но фактите покажуваат дека ништо од ова не стана реално. Знаете имаме ние две полувремиња. Првиот круг од изборите кога истиот тој Заев велеше дека имало 760 милиони евра инвестиции, се качувале плати, судството се отворило како пупка, имало голем број на ново вработени, дека сме блескале во Светот и дека ќе одиме напред. По шамарот кој му го испорачаа граѓаните после првиот круг од изборите, дојде второто полувреме, оној Заев кој е комплетно друга личност од овој во првиот круг, сега вели ништо не чини, ќе фаќал метлата. И треба да осговори кога лажеше, првиот круг кога се колнеше дека блескаме или вториот круг кога се фати за метлата. Ќе ви кажам и тогаш и сега лаже, само фотеља го интересира, порачува тој.