Актуелно 18.10.2019 15:31

Мицкоски: Нема да отпочнам лов на виновници за немањето датум, не ни треба ниту маскирање на неуспехот

Мицкоски: Нема да отпочнам лов на виновници за немањето датум, не ни треба ниту маскирање на неуспехот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција потенцираше дека нема да отпочне лов на виновници за немањето датум, но потесети и дека не ни треба ниту маскирање на неуспехот.

„Ќе бидам многу искрен и отворен, јас немам намера понатаму да влегувам во игра на покажување на показалецот и докажувања за тоа кој е крив, а кој бил во право, или да отпочнам некоја си битка за лов на виновници. Исто како што не ни треба маскирање на неуспехот. Не е време за тоа, а на народот му е се јасно и се гледа. Нашиот народ вели секое лошо за добро да е. А, јас безусловно и бесконечно верувам во македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Во животот секогаш има избор, и ова не е крајот, туку почеток на промените кои мора да се случат. Треба да излеземе посилни и помудри од секој еден неуспех. Македонија е европска земја, а Европската Унија е наша заедничка цел. И покрај големата разочарност, сакам да испратам порака дека нема време за губење и Македонија го нема повеќе луксузот да загуби ниту еден ден, ниту еден час повеќе.“

Мицкоски посочи дека нема време ниту за оние помалку чудни анализи за душата, срцето и петата, и други вакви комични испади, ниту пак за некои други дежурни адвокати на Заев кои се мешаат во туѓите дворови.

„Ова е наша земја, а тука граѓаните се главни. Оваа власт ќе биде заменета и ќе потоне во заборав и тоа е секому му е јасно. Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев. Во тој меѓу период потребни се реформи. Коренети и брзи реформи, кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план во најкус можен период консултирајќи ги експертите и употребувајќи ги сите свои капацитети кои што ги има на располагање. Овие реформи треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио кој ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата.“