Актуелно 18.02.2020 16:15

Мицкоски се обврза за 2 милијарди евра инвестиции во патишта и нов асфалт за 1000 километри регионални патишта

Мицкоски се обврза за 2 милијарди евра инвестиции во патишта и нов асфалт за 1000 километри регионални патишта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција објави голем број проекти кои ги планираат во инфраструктурата.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани. Воедно ќе го доизградиме сето она што е започнато т.е. автопатите кои што ги започна и предвиде Владата на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот Кичево – Охрид и автопатот Скопје – Блаце, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека се обврзуваат за обнова која ќе донесе нов асфалт за регионални патишта во државата.

-Да нема неасфалтиран регионален пат, односно целосна реконструкција на повеќе од 1.000 километри регионални државни патишта. Ова значи за еден мандат ќе го замениме целиот дотраен асфалт на сите регионални патишта во земјава, односно до Берово, Дојран, Делчево, Пехчево, Пробиштип, Ресен, Дебар, Кичево, Македонски Брод и останатите градови ќе се вози низ целосно нов асфалт. Се обврзуваме за обнова со која ќе донесе 2 милијарди евра за инвестиции во патишта. Овде пред се спаѓаат инвестициите и градбата на автопатиштата, експресните и регионалните патни правци. Значи за еден мандат инвестиција од минимум 2 милијарди евра што ќе биде значителна финансиска инекција за градежниот сектор, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.