Актуелно 27.05.2020 14:38

Мицкоски: Владата на Заев до крајот на годината ќе го задолжи секое семејство за 1.500 евра, а сега делат ваучери од 150 евра поткуп кој не може да го исплатат

Мицкоски: Владата на Заев до крајот на годината ќе го задолжи секое семејство за 1.500 евра, а сега делат ваучери од 150 евра поткуп кој не може да го исплатат

После 66 дена рестриктивни мерки во државата имаме полоша здравствена и економска состојба од таа која ја имавме на моменти кога се воведуваа овие мерки. Ова подразбира дека системот не функционира, а владата не ги презема најефикасните методи за заштита на стандардот и здравјето на граѓаните, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција

Денес нема да зборувам за здравствената состојба тоа ќе го препуштам на стручните лица од таа област. Но ќе говорам за економијата каде добиваме се позагрижувачки податоци. Од она што досега можеме да видиме е дека со првите два пакети на мерки не се помогна на бизнисот. Тие мерки се недоволни. Ненавремено преземени, а сето ова го потврдува  и слабата половична и потпросечна искористеност.

Повеќето средства отидоа кај големи компании додека средните и малите бизниси едвај преживуваат. Што се однесува до третиот пакет на мерки тоа е магла која владата ја сее пред избори. Тие говорат за пари, за средства кои не можат да ги исплатат и истите имаат манипулативна природа. Создаваат надежи кои не се во состојба да ги реализираат и од тука има една тажна но реална порака која секој бизнисмен ја разбира и си има работа со владата на Заев и Спасовски, а тоа е дека вистинска помош нема.

Заеднички за сето ова е дека владата троши пари. Но граѓаните и бизнисот не гледаат никаков бенефит од сето тоа. Парите се потрошија непродуктивно. А, нема ниту една компанија која е задоволна. Ниту еден единствен стопанственик кој објективно ќе го пофали ангажманот на владата. И состојбата не се подобрува, а тоа го говорат и најновите податоци кои ќе ги презентирам денес.

Имено, во текот на вчерашниот ден министерството за финансии го објави практично Извештајот кој што опфаќа реализација на Буџетот во првите 4 месеци т.е. периодот први јануари – 30-ти април, 2020-тата година. Кога се уште ефектите од вирусот Ковид – 19 или Корона пандемијата не се видливи во економијата.

Ќе започнам најпрвин со дефицитот кој што изнесува рекордни ќе потсетам рекордни 200 милиони евра или од прилика нешто повеќе од 12 милијарди денари. Како е тој дистрибуиран по месеци, во месеците јануари 20 милиони, во месеците февруари – март 50 милиони, и рекордни 80 милиони евра во месецот април. Тоа е доволен показател дека владата немала ниту во момент намера да помогне на граѓаните и бизнисот туку единствена цел била поткуп т.е. обид за поткуп и милост од граѓаните да го заборават сето она кое што беше погрешно направено изминативе три години пандемија под раководство на СДСМ  и Зоран Заев.

Само во првите четири месеци оваа влада и ова раководство на СДСМ го зголемија долгот на граѓаните за 1.8% од БДП. Наместо да имаме намалување на јавниот долг ќе имаме зголемување на јавниот долг само во првите четири месеци од 1.8%. Секое семејство го задолжија за од прилика 25.000 денари, само во првите четири месеци од почетокот на годината. А, кога зборуваме за долгот би сакал да потсетам дека обврските кои ги имаме по однос на заемодавателите од минатото, а до крајот на годината треба да се сервисираат во износ од прилика 30 милијарди денари или нешто помалку од 500 милиони евра. А, обврските по однос на планираниот дефицит кој што владата ќе го направи до крајот на годината, почнувајќи од први мај завршувајќи со 31 декември се нешто повеќе од 34 милијарди денари или нешто повеќе од 550 милиони евра што значи дека до крајот на годината се потребни околу 1 милијарда и 50 милиони евра за да бидат сервисирани обврските кон заемодавателите со цел задолжување заради раздолжување и обврските кои што треба да се сервисираат по основ на дефицитот кој што ќе го има буџетот до крајот на годината. Тука не се опфатени првите четири месеци, а дефицитот до крајот на годината е составен како резултат на збирот на планираниот дефицит на почетокот на годината и намалените приходи во буџетот кој што ќе бидат до крајот на годината.

Тука ќе потсетам не е опфатена помошта кон стопанството и тука ќе потсетам не е опфатена помошта кон граѓаните. За тоа ќе имаме дополнителен буџетски дефицит. Или до крајот на годината зголемувањето на долгот, на јавниот долг во однос на бруто домашниот производ ќе изнесува точно 5 проценти. Или ако се додадат на дополнителните 1.8 во првите четири месеци тогаш вкупниот зголемен долг на крајот од 2020-тата година без задолжувањето за помош на стопанството и граѓаните ќе изнесува околу 7 проценти од БДП или тоа е некаде околу 95 илјади денари зголемен долг за секое семејство, или 1500 евра зголемен долг за секое семејство само за една година.

И третата работа која што сакам денеска да ја споменам и анализирам. Тоа е реализацијата на капиталните инвестиции бидејќи секаде ги гледаме од Владата со полна уста дека зборуваат за робусна и интензивна реализација на капиталните инвестиции тоа, нешто на кое ние како ВМРО-ДПМНЕ на почетокот од пандемијата, на почетокот од кризата силно апелиравме. Но кога станува збор за бројките тие се немилосрдни и го демантираат сето она кое што го зборува оваа лажлива Влада и функционерите кои што се именувани од оваа лажлива Влада.

А, какви се бројките? Во првите 4 месеци од 2020 година, во услови на техничка Влада реализацијата на капиталните инвестиции е околу 13 проценти од она кое што било планирано на почетокот на годината. Во 2019-тата година за истиот период реализацијата на капиталните инвестиции била 11.25 проценти, кога немаме техничка Влада. Да потсетам тоа е период кога исто така имаме изборен циклус, а тоа се претседателските избори. Во 2018-тата година реализацијата на капиталните инвестиции е 14.23 проценти. во 2017-тата година во истиот период, во првите 4 месеци кога исто така имаме техничка Влада, капиталните инвестиции се реализирани со интензитет од 27 проценти во однос на тие што биле планирани на почетокот на годината.

Во 2016-тата година кога исто така имаме техничка Влада капиталните инвестиции се реализирани во износ од отприлика 19 проценти од она кое што било планирано на почетокот на годината. Разликата е евидентна и лагите се распрснуваат како меур од сапуница, а бројките се немилосрдни и ги демантираат лагите на оваа Влада предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев.

Македонија преживува тежок период и со оваа власт нема да биде подобро затоа што не знаат, не умеат и немаат план. Ние сме различни од сето ова кое што е за жал наша денешна сурова македонска реалност. Нам интересот на граѓаните ни е пред и над се. Мора поинаку, мора подобро. На Македонија не и се потребни пакети за лажлив ПР туку вистинска помош на стопанството и оддржлива стратегија. Не и се потребни еднократни ад хок мерки туку сигурност план и стратегија. Ние тој план го имаме и тој план го понудивме на граѓаните, а на следните предвремени парламентарни избори повторно ќе го понудиме. На Македонија и е потребна обнова во секоја пора во ова општество и нова енергија која ќе ги решава вистинските проблеми. Имаме стратегија, а економијата мора да се развива, средствата да се трошат наменски со вистинска цел за развој на нашата држава. Гаранција за сето тоа е обновата која ќе ја започнеме и за која заедно со народот на следните предвремени парламентарни избори ќе ја победиме оваа три годишна пандемија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев.