Актуелно 03.06.2024 08:55

Минатата година Македонија ја посетиле 200.000 турски туристи, а во Турција заминале околу 250.000 Македонци

Минатата година Македонија ја посетиле 200.000 турски туристи, а во Турција заминале околу 250.000 Македонци

„Во турската култура, појадокот е најзначајниот оброк во денот. Турскиот збор за појадок, „Kahvaltı“, во превод значи „пред кафе“, што значи оброк во кој се ужива пред да се испие кафе, рече турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој на денешниот настан по повод „Светскиот ден на појадокот“.

Турските амбасади ширум светот имајќи ја предид важноста која му се придава на појадокот во оваа земја во последниве години организираат вакви настани за да се запознаат богатите вкусови на турскиот појадок.

-Балканските земји, со кои споделуваме блиски историски и културни врски, веќе се запознаени со турскиот појадок. Како што сите знаеме, анадолската, медитеранската, егејската, кавкаската и балканската географија споделуваат многу сличности во нивните кулинарски традиции. На неодамнешната манифестација „Недела на турската кујна“ што ја организиравме пред две недели, нашите македонски пријатели имаа можност да ги искусат ексклузивните вкусови на турско-егејската кујна, кажа Улусој.

Настанот беше искористен исто така и да се презентираат турските природни убавини и богатото историско наследство. Туркије е меѓу водечките земји во светот во туризмот. Според статистиката објавена од Светската туристичка организација за 2023 година, земјата е на петтото место во светот меѓу најдобрите дестинации, со 56,7 милиони странски посетители. Поради својата географска близина и културен афинитет, Македонија е исто така приоритетна земја за нас во областа на туризмот.

Улусој потенцираше дека речиси 200.000 турски туристи ја посетиле Македонија минатата година.

-Тоа значи дека околу 20 отсто од туристите кои ја посетиле Македонија во 2023 година биле турски државјани. Истовремено, минатата година Туркије ја посетија околу 250.000 македонски туристи, рече тој изразувајќи надеж дека оваа бројка ќе продолжи да расте.

Туркије исто така е водечки центар за здравствен туризам на глобално ниво и тоа благодарение на нејзините неодамнешни достигнувања во здравствениот сектор.

-Во 2023 година, 1,5 милиони пациенти од целиот свет ја посетија Туркије со цел да добијат медицински третман во различни медицински гранки, зацврстувајќи ја нејзината позиција како главна дестинација за медицински третман, рече турскиот амбасадор во Скопје.