Актуелно 14.11.2019 15:54

„Министерската навика никако да се искорени“, а Македонија се гуши: Стариот министер не го интересираа граѓаните, сегашниот нема време за загадувањето

„Министерската навика никако да се искорени“, а Македонија се гуши: Стариот министер не го интересираа граѓаните, сегашниот нема време за загадувањето

Загаденоста во Македонија со денови никако да се намали или пак целосно да исчезне.

Денеска најзагаден град во Македонија повторно е Тетово, а загаденоста таму изнесува 94 ПМ 10 честички на метар кубен.

Веднаш зад Тетово е Битола каде денеска загаденоста изнесува 70 ПМ 10 честички на метар кубен, додека во Куманово, загаденоста изнесува 60 ПМ 10 честички на метар кубен, додека слична ситуација се случува и во главниот град каде утрово најзагаден е Центар, а потоа и скопско Ѓорче Петров.

Со загаден воздух утрово се разбудија и жителите на Струмица каде загаденоста изнесува 49 ПМ 10 честички на метар кубен.

Иако загаденоста е алармантен проблем повеќе од еден месец, властите речиси не мрднуваат со прст, особено министерот за животна средина Насер Нуредини кој неодамна ги одбегна новинарите игнорирајќи го нивниот интерес за состојбата со аерозагадувањето во земјава, која зазема алармантни размери.

Тој на англиски јазик им порача на новинарите дека немал време да одговори на прашањата поврзани со нивната тема.

Инаку, ова е продолжение на практиката на министерот заедно со неговата портпаролка да ги ескивираат новинарите, бидејќи, како што образложија, за да излезат во јавност потребно е претходно консултирање за да се подготват за темата за која ќе дискутираат со новинарите.

Претходниот министер Садула Дураку инаку лани додека беше актуелен министер за животна средина се прослави со неславната изјава во која Македонија ја спореди со Швајцарија.

-Знаете вие дека ние сме Македонија, а не Швајцарија. Сега почнавме, еден чекор е направен и тоа –  изјави министерот Садула Дураку лани на темата поврзана со аерозагадувањето.

Тој исто така тогаш изјави дека не се занимава со граѓаните и дека нивни проблем е тоа што сакаат да ја тужат државата.