Актуелно 22.02.2019 00:14

Министерство за правда контра директорите на затворот и болницата: Контрадикторни изјави за претепувањето на Јанакиески и Ристовски

Министерство за правда контра директорите на затворот и болницата: Контрадикторни изјави за претепувањето на Јанакиески и Ристовски

Директорот на ГОБ „8-ми Септември“, Христијан Костов, вечерва потврди дека по сите медицински иследувања што биле направени било констатирано дека поранешниот министер Миле Јанакиески не е повреден во инцидентот во затворот „Скопје“ во Шутка, каде е во притвор.

-Денеска во попладневните часови после 16 часот е донесено лице од затворот „Скопје“ за медицински преглед. После приемот во Ургентниот центар дежурна екипа од специјалисти изврши преглед при што се направени најразновидни инстигации, од крвна слика, лабораторија, ехо на стомачна шуплина, компјутерска томографија на глава… Откако беа завршени сите прегледи беше донесен заклучок дека кај лицето не се евидентирани повреди. Значи не е индицирана потреба за хоспитализација на лицето, рече Костов.

Од затворот во Шутка, потврдуваат дека Јанакиески се здобил со повреди по физичкиот напад врз него. Затоа и бил препратен во болница.

Како што вечерва изјави директорот на затворот, Јанакиески побарал помош и бидејќи затворскиот доктор ја немал потребна апаратура за да постави дијагноза, тој бил веднаш однесен во Ургентен центар.

Дали од затворот би пратиле лице кое не е повредено во болница? Изјавите на директорите на ГОБ „8-ми септември“ и затворот се спротивни една на друга.

Министерството за правда, се огласи со соопштение во кое јасно и недвосмислено кажува дека Јанакиески и Ристовски се тие кои биле нападнати и бара санкции за нивните напаѓачи, но и за тие кои овој настан не го спречиле.

Од таму велат дека очекуваат санкционирање на сторителите на насилство, но и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации.

Воедно, од Министерството, бараат и очекуваат сите надлежни институции да одговорат на највисоко професионално ниво во расветлувањето на денешниот настан.

Од затворот рекоа дека провокатори на инцидентот се повредените и дека безбедноста е добра, а од кабинетот на министерката Десковска посочуваат на нешто сосема друго.

Контрадикторност се јави и меѓу ставовите на затворот и самиот директор на установата.

По инцидентот во притворското одделение во Шутка, каде беа претепани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, се огласија писмено од затворот.

Од таму, за инцидентите ги обвинија повредените дека испровоцирале да бидат нападнати.

-На ден 21 февруари 2019 година околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, велат од затворот „Скопје“.

Под притисок од јавноста, дека од затворот треба да се огласат и да одговорат на повеќе прашања, но и да ги образложат ваквите тврдења, вечерва изјава за медиумите даде директорот на затворот, Ѓоко Котевски.

Тој го прочита пред камерите соопштението кое веќе беше испратено до медиумите, но проблемот настана кога започнаа новинарските прашања.

Иако во писменото соопштение и неговата изјава беше дефинирано дека Јанакиески и Ристовски провоцирале, тој потоа кажа дека допрва треба да бидат разгледани снимките, за да се утврди како дошло до овој инцидент.

Тогаш директорот почна со контрадикторни тврдења и тези, оставајќи простор за сомнеж дека сака нешто да сокрие од граѓаните.

-Ние ќе почнеме постапка, денеска веќе работиме на тоа. Постојат камери, надзор, постојат овластени службени лица кои вршат мониторинг на тој простор. Се прибавуваат изјавите. Во тоа шеталиште не биле само двете лица, туку биле лицата кои се во тие соби. Да почекаме да видиме што ќе каже истрагата, не сакам да прејудицирам како ќе биде, истакна директорот.

Дали од затворот можат да тврдат дека претепаните провоцирале инцидент ако самите признаваат дека истрагата не е ниту почната, а камоли завршена?

Се отвора простор за сомнеж дека во овој случај нешто не е сосема јасно, но и дека е можно нешто да сакаат да сокријат. Дали затворот сака да ги заштити напаѓачите?

Котевски најави дека управата допрва ќе почне истрага за тоа дали е направен некаков пропуст од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби, па ќе биде покрената соодветна истрага и дисциплинска одговорност

Најнови вести