Комерцијална банка АД Скопје и Стопанска банка АД Битола ги разгледуваат можностите за нивно присоединување. Од двете банки денеска соопштија дека клучно за нивно присоединуање ќе биде анализата на завршните сметки за годинава кои треба да се усвојат на годишните собранија во 2024 година. Двете банки засега не откриваат детали, само напоменуваат дека постои интерес од двете страни за понатамошно заедничко функционирање.
„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации, врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина. Вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година.“
Од Стопанска банка АД Битола ја потврдија информацијата и соопштија дека во периодот што следи банката ќе настојува да обезбедува стабилно и профитабилно работење.
„Стопанска банка а.д. Битола и во идниот период ќе биде насочена кон понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планските цели.”
Според финансиските резултати Комерцијална банка како најголема банка во државата, во првата половина од годинава оствари добивка опд 32,5 милиони евра. Нејзината актива надминува 2,5 милијарди евра. Доколку дојде до спојување со битолската банка во тој случај активата ќе им изнесува близу 2,8 милијарди евра. Инаку, најголем акционер со пет отсто во Стопанска Банка Битола е компанијата Пелистерка, каде пак еден од управителите е Дејан Панделески син на Цветан Панделески кој заедно со бизнисменот Орце Камчев беа обвинети во случајот империја.Доколку дојде до присоединување на Комерцијална Банка АД Скопје и Стопанска Банка АД Битола тоа ќе биде второ големо укрупнување во банкарскиот сектор. Пред две години групацијата под која е Шаркасе Банка ја купи Охридска Банка.