Актуелно 08.05.2018 10:32

Миноски: Неизборот на Гувернер ќе претставува преседан во македонската политика

Миноски: Неизборот на Гувернер ќе претставува преседан во македонската политика

Можноста Народната банка на Македонија да остане без Гувернер, наидува на осуда од експертите, кои во тоа гледаат сигнал за ослабнување на оваа институција, што би имало негативни импликации и врз економијата и врз граѓаните. Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски за „Република“, ја изложи својата визија за последиците, доколку НБМ би останала без својот кормилар.

-Во Законот за Народна банка на РМ, Член 49, став (2) јасно е определено дека Гувернерот го именува Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. Оваа законска одредба има за цел да се обезбеди независност во водењето на монетарната политика во однос на извршната власт, која што е надлежна за водење на фискалната политика. Ваквата поделба на надлежности има за цел да обезбеди поголема независност во работењето на НБРМ и да даде гаранција во обезбедувањето на макроекономската стабилност. Неизборот на Гувернер од страна на парламентарното мнозинство ќе претставува преседан во македонската политика, од проста причина што не се доведува во прашање компетентноста на предложениот кандидат туку изборот е оспорен поради други мотиви на парламентарното мнозинство кои што како лајтмотив ја имаат потреба за поставување на кандидат кој би бил близок до владеачкото мнозинство. Не сум сигурен дека и во меѓународни рамки пред се тука мислам на земјите членки на ЕУ, постои или постоела слична ситуација заради политички комбинаторики да се задира во независноста на монетарните власти – вели Миноски.

Тој за Гувернерот Богов вели дека е независен професионалец со кого што имал прилика да соработува.

-Богов е професионалец кој што добро ја водеше монетарната политика на Република Македонија и ревносно се грижеше да ја обезбеди ценовната стабилност, стабилноста на курсот на денарот и на банкарскиот сектор во целина и во услови кога со бројни политички шпекулации се настојуваше да се наруши стабилноста на денарот и на банкарскиот сектор во целина. Воедно се работи за Гувернер кој што е високо почитуван помеѓу гувернерите на останатите централните банки, како и на монетарните експерти на Меѓународниот монетарен фонд. Јас не гледам причина зашто Парламентот не би поддржал еден квалитетен кандидат и меѓународно докажан експерт – смета Миноски.

Сценариото во кое што Народната банка ќе биде без Гувернер крие во себе повеќе опасности и испраќа лоши сигнали за македонската економија и макроекономската стабилност..

-НБРМ носи одлуки за нивото на основната каматна стапка на редовна месечна основа. Тоа значи дека НБРМ, на редовна месечна основа, ги анализира последните расположливи податоци за клучните макроекономски и финансиски показатели и нивното значење во контекст на тековните макроекономски проекции. Исто така, ги преоценува ризиците и веројатноста за нивно остварување и врз основа на сите овие информации, носи оценка за влијанијата врз поставеноста на монетарната политика. Без да се избере Гувернер се наметнува прашањето кој ќе ја потпише одлуката за основната каматна стапка и кој ќе сноси одговорност за евентуалниот пропуст?-прашува Миноски.

Според поранешниот министер за фианансии решенијата за кои што се говореше во јавноста, каде со измена на Законот за НБРМ би се одело на варијантата да не се избере Гувернер и да се пренесат надлежностите на Вицегувернерите се несоодветни.

-Истите прават правен преседан за да во иднина при слични ситуации некоја следна извршната власт преку промена на Законот за Народна банка да поставува или разрешува гувернери со што ќе се доведе во прашање независноста во водењето на монетарната политика во целина. Воедно се работи за Закон за НБРМ кој што е целосно усогласен со европската регулатива, така да нема потреба да се носат нестандардни решенија кој што на долг рок носат неизвесност-објаснува Миноски.