Актуелно 29.03.2020 11:13

Миновски: Не смее да има намалување на платите, едно од суштествените прашања за надминување на економската криза е стимулирање на потрошувачката

Миновски: Не смее да има намалување на платите, едно од суштествените прашања за надминување на економската криза е стимулирање на потрошувачката

Во вчерашната емисија “Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија на тема “Ќе ја распадне ли коронавирусот македонската економија”, екс министерот за финансии Кирил Миновски, кој има 17-годишно искуство во областа на финансии, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси вели дека во услови кога е се поизвесна економската криза, треба да се однесуваме рационално, од секој аспект, па и од аспект на штедењето на енергијата. Така да мерки на штедење се неопходни, пред се на она што сметаме дека е нерационално трошење во дадени моменти.

-Доколку ги анализираме решенијата што ни ги нудат меѓународните финансиски институции, и денешната изјава на директорката на ММФ Кристалина Георгиева, гледаме дека едно од суштествените прашања за надминување на економската криза е токму стимулирање на потрошувачката. Меѓутоа се разбира, не на секаков вид на потрошувачка, но на таа што ќе овозможи креирање на додадена вредност и развој на економија, посочи Миновски.

Околу проблемот со агрегатот на побарувачка и како тоа ќе влијае на стабилизирање на економијата и намалување на штетните последици на економијата според Миновски, е едно од суштествените прашања во економијата е пред се во решавање на кризите е решавање на таканаречената агрегатна побарувачка.

-На едноставен начин, на секој кој што учествува на пазарот на трудот, на секој вработен меѓутоа и на секој сопственик на бизнис, јасно му е дека на пазарот постои понуда и побарувачка. Најчесто понудата треба да се прилагодува на онаа побарувачка која што постои на пазарот. За да може економијата да се движи, неопходно е да постои побарувачка. Во случај на кризи, како во 2008 и 2009-тата година, неопходно е да се вбризгаат дополнителни средства во економијата за да може потрошувачката да остане на исто ниво и да не застане економијата. И оние кои нудат услуги да имаат купувачи. Во спротивно, доколку немаме доволна потрошувачка ќе имаме стагнација на економијата, изјави Миновски.

Затоа тој вели дека е против намалување на платите во јавната администрација на 14.500 денари. Тоа ќе влијае и врз мотивацијата на вработените во овие кризни моменти.

-Во Република Турција на пример, сет мерките се пакет од 15.4 милијарди евра кои ќе се вбризгаат во економијата, пакет кој што не е наменет исклучиво за компаниите, туку и за економскиот стандард на граѓаните. Во САД пакетот изнесува 2.200 милијарди долари, за директна поддршка на животниот стандард на населението. Слични програми има и во останатите земји, вели Миновски.