Актуелно 28.05.2024 08:04

Младите бараат начин да не бидат целосно на товар на родителите

Младите бараат начин да не бидат целосно на товар на родителите

Студентите во Македонија работат првенствено за да ги растоварат родителите од трошоци, да заработат некој денар, да задоволат дел од своите финансиски потреби, но и да стекнат искуство и кога ќе излезат на пазарот на труд, да имаат побогата професионална биографија.

На огласите, студентите бараат работа со преводи, да држат часови по странски јазик, работа во бутик, кафуле, кујна, изработка на семинарски, делење флаери и слично. Некои од нив нагласиле дека за нив е прифатливо да работат само за викенди или да работат од дома.

„Лично од мое искуство, барав работа за да не бидам на товар на родителите. Хонорарно нешто да заработам за себе. Мислам дека е добро да се работи, тоа е плус искуство. Најдов работа, прилично лесно и чекам да почнам во угостителство. Не сум размислувала како ќе го менаџирам времето, спонтано ќе оди тоа. Знам неколку студенти што работат. Школувањето на студент сепак чини пари и не е лесно“, вели Михаела од Скопје, студентка.

Студентите објаснуваат дека посебно им е тешко на оние кои се дојдени од помал град во Скопје за да студираат и потекнуваат од семејства со скромни примања.

„Најчесто студентите работат за да си обезбедат џепарлак, да не се стегаат, да имаат пари за некои ситни задоволства. На студентите од другите градови тие пари им требаат за да преживуваат. Многу од нив мораат да работат. Јас конкретно не морам, а кога сум работел, тоа било за да не бидам на товар на моите. Кој сака ќе најде работа. Многу од работодавците не можат да понудат флексибилни работни услови за студентите и тоа е проблем“, вели Александар, студент од Скопје.

Лилјана Полевска, социолог објаснува дека високите животни трошоци ги принудуваат студентите да бараат работа, затоа што родителите не можат да одговорат на сите нивни барања.

„Родителите не можат да им обезбедат сè, а денешните млади имаат поголеми потреби за разлика од порано и животот е поскап. Им требаат пари за излегување, за некое парче облека, шминка, а платите на родителите се такви какви што се и не можат да ги задоволат сите потреби на студентите“, додава Полевска.

Според последните истражувања, околу 25 отсто од младите во земјата се вработени за време на нивното формално образование. Оваа бројка е во согласност со просекот на Европската Унија(ЕУ), каде исто така една четвртина од младите работат за време на школувањето.

Податоците на Евростат за 2022 година покажуваат дека најголем удел на млади луѓе вработени во текот на формалното образование се забележани во Холандија (73 отсто), Данска (52 отсто) и Германија (45 отсто). Спротивно на тоа, во Романија работат само 2 отсто од студентите, во Словачка (5 отсто) и Унгарија (6 отсто).