Актуелно 12.06.2019 12:25

Муцунски: Се согласувам дека е потребен силен обвинителски механизам во борбата против корупцијата и криминалот, но не со вакво СЈО

Муцунски: Се согласувам дека е потребен силен обвинителски механизам во борбата против корупцијата и криминалот, но не со вакво СЈО

Тимчо Муцунски (29), актуелниот меѓународен секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е млад, амбициозен и со поинакви размислувања од партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ, на кои сме навикнати, па периодов често го гледавме по телевизиите. Во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“ Ви го преставуваме од еден поинаков агол.

Уште како шестмесечно бебе „шета“ по светот

Благодарение на работата на неговиот татко, Звонко Муцунски, актуелен амбасадор на Македонија во Турција, уште како бебе е на различни страни на светот.

„Јас сум единец. Татко ми е во дипломатија уште од времето на поранешна Југославија. Работеше во тогашното министерство за надворешни работи на Југославија, па уште како шестмесечно бебе се преселивме во Њујорк“.

Па така основно, завршува и пораснува во САД, а средно училиште во Канада.

На крај сепак се решил да се врати во Македонија, каде се запишува на Правниот факултет во Скопје.

„Имав можност за добивање на стипендии за студирање надвор, но сакав да се вратам дома“.

Факултетот во Скопје го завршува предвреме, на 19 години, поради различниот систем на школување во САД и Канада.

Веќе е и магистер и доктор на науки од областа на правото.

Моментално е асистент на Правниот факултет.

Фан на меѓународна политика

Под влијание на татко му, меѓународните случувања и гледањето вести и дебатните емисии му се омилена тема уште како дете.

„Гледавме заедно вести и дебатни емисии со татко ми и дискутиравме за случувањата во светот. Ден денес имам навика телевизорот дома да ми е постојано пуштен на CNN“.

Мајка му пак работи во приватниот сектор.

„Моите ме научија на дисциплина, иако сум им единствено дете. Да не ги земам работите здраво за готово, да се борам и работам доколку сакам да бидам успешен„.

Иако од секогаш го интересирале меѓународните односи, како студент пак во иднина се гледал како јавен обвинител.

Никогаш не вели никогаш

На прашањето зошто влегол во политика, вели дека сака да даде свој инпут, додадена вредност, за подобрување на состојбите во земјата и дека политиката е најдобрата алатка за остварување на нешто такво.

„Некои тоа го прават преку НВО, некои преку социјалните мрежи, јас сметав дека тоа треба да го направам преку политика“.

Член на ВМРО-ДПМНЕ станува во 2011 година.

Ја избира оваа партија, поради економската политика која ја води и бидејќи себеси се пронаѓа во идеолошките гледишта на современата центар-десница.

Единствената државна функција која ја добил до сега, како резултат на полтиката му е заменик министер за информатичко општество и администрација.

Во 2015 година пак е дел од Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали во иднина повторно би прифатил државна функција вели:

“Никогаш не велам никогаш, за било што во животот. Во секој случај сериозно би размислил за прифаќање на таков предизвик“.

Мицкоски ќе биде одличен премиер

Со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кој му дава целосна подршка вели дека често се шегуваат дека и двајцата се само волонтери во партијата.

Вели дека тој заслужува да ја води партијата, и дека тоа го прави тоа како што доликува.

„Сметам дека Мицкоски ќе биде одличен премиер“.

Не сака да прави споредба помеѓу него и Никола Груевски, поранешниот лидер на партијата, кој побегна во Унгарија, каде стана политички азлилант.

“Тешко е да се направи паралела помеѓу двајцата“.

За обвинувањата дека Груевски, кој е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се уште има влијание врз партијата, вели дека тоа не е точно.

„Груевски ниту имал, ниту има влијание врз партијата од кога Мицкоски е претседател. Сета таа драма и тие шпекулации околу тоа прашање е мистификација на неговиот лик и дело“.

Груевски ми честита Нова Година

На прашањето дали можеби ќе се појави на некоја фотографија или видео од Унгарија со Груевски, кои во последно време зачестија, како човек кој нели се грижи за меѓународниот углед на партијата и често е во странство, вели дека не верува дека тоа ќе се случи.

Со Груевски последен пат имал контакт за Нова Година, кога добил честитка на мобилниот телефон.

Со поранешниот лидер на партијата се знаат од времето кога Муцунски беше заменик министер за информатичко општество и администрација.

Три месеци откако Муцунски стана заменик министер, Груевски си даде оставка од премиерската функција.

„Соработката со Груевски ми беше одлична, професионална. По неговото заминување од премиерската функција за технички премиер беше поставен Емил Димитриев, со кој исто така имав добра соработка. Неможам да направам споредба помеѓу нив двајцата, бидејќи станува збор за различен стил на управување. Димитриев предводеше техничка влада чија главна задача беше организирање на избори“, вели тој.

Дека згрешивме треба да кажеме јасно

На прашањето како гледа на фактот дека со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните се заплашуваат како што малите деца ги заплашуваат со чудовишта, вели дека партијата зад себе во своето работење има и позитивни и негативни работи.

„За одредени работи грешевме, тоа треба јасно и недвосмислено да го кажеме. Неможеме да ги смениме грешките, но можеме многу да научиме од нив, за да не ги повториме“.

За најавите од премиерот Зоран Заев, дека ако летово не добиеме датум за старт на преговорите со ЕУ, вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори и утре.

„Нема да сме сериозна партија, ако не е така“.

Во ВМРО-ДПМНЕ работиме под услови кои не се нормални

За тоа што партијата веќе извесен период функционира со замрзнат имот од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како правник, вели дека тоа не е нормално за демократска земја во 21-иот век.

„Имотот на ВМРО-ДПМНЕ е противправно замрзнат, тоа е ноторно“.

Вели дека има слушнато голем дел од “бомбите“, од кои произлегоаа мнозинството од случаите кои ги покрена СЈО, а во кои главни осномничени или обвинети се поранешни и актуелни партиски функционери.

„Во голем дел од тие „бомби“ што ги слушнав има претежно приватни разговори. Во одреден дел веројатно има и индиции за сторени кривични дела. Но, сепак јас не сум судија кој може да пресуди за комплексни предмети и околности“.

Како и многу граѓани, вели дека е разочаран од работата на СЈО, кое некогаш имаше највисок рејтинг.

„Вакво какво што е сега СЈО, не треба да продолжи со работа. СЈО во секој поглед стана инструмент за политичка сатисфакција, а од своето основање доби голема слобода во формирањето на тимот, вработените добија нетипично големи плати и независност во одлучувањето. Законската основаност на институцијата е противуставна. Да, се согласувам дека во секој случај е потребен силен обвинителски механизам во борбата против корупцијата и криминалот во политиката, но не со вакво СЈО“.

За тоа што постојано се појавуваат нови и нови „бомби“ иако од СДСМ неколку пати рекоа дека сите нелегално прислушувани материјали се предадени на СЈО, вели дека „кога нема одговорност за грешките од минатото, постојано ќе се повторуваат едни исти процеси“.

„Ние се уште не ни знаеме кој прислушувал. Случајот на СЈО за тоа се уште нема завршница и пресуда“.

Ќе коалицираме со албанска партија која има политички и морален кредибилитет

Од бројни причини е убеден дека на следните парламентарни избори, кога и да се случат ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, а на прашањето со која политичка партија од албанскиот блок ќе коалицираат одговара: “со партија која има политички и морален кредибилитет“.

“Важно е да се има претставник на албанскиот електорат во власта, тоа значи стабилност. Која ќе биде таа партија која би коалицирала со нас ќе зависи од тоа колку ќе се усогласиме околу програмите. Јас лично имам пријатели во ДУИ, имам високо мислење за Арбен Таравари, го почитувам и ценам лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Целото интервју прочитајте го на еМагазин.мк.