Актуелно 29.07.2019 15:27

МВР не санкционира, Град Скопје не знае колку има, граѓаните им плаќаат: Кој ќе им застане на патот на дивите таксисти?

МВР не санкционира, Град Скопје не знае колку има, граѓаните им плаќаат: Кој ќе им застане на патот на дивите таксисти?

Немилиот настан од минатата недела кога жена среде Скопје беше нападната од таксист и турната на земја, по којзнае кој пат го отвори прашањето: Колку е безбеден такси превозот во земјава?

Дивите таксисти се проблем кој циркулира со години, проблем кој се чини дека никој во државава нема волја да го реши.

Но, зошто надлежните се прават слепи за овој проблем?

Дивите таксисти во Скопје се најчесто присутни на најпрометните локации во градот. За иронијата да биде поголема, станува збор за места каде многу често, скоро секогаш,  има и полиција. Најзастапени се такси станицата кај клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Меѓуградската автобуска станица кај Железнчка, поликлиника Битпазар. Нема дел од денот или ноќта кога на овие, а и на други локации не се сместени дивите такси превозници.

Лесни се за препознавање. Возилото не е лиценцирано, ја нема дополнително потребната жолта “такси“ табличка. Најчесто станува збор за стари, оштетени возила кои не се по стандардите потребни да се добие лиценца. Немаат такси станица, користат стар таксиметар. Имаат табли со непостоечки имиња на фирми, најчесто со некоја буква додадена или одземена. Како „Ривал“ наместо „Рива“, наместо „Пулстарс“ дивите таксисти пишуваат  „Плусар“, „Плускомерц“…. Најголем дел од дивите таксисти, во последно време ставаат табли „Вардар“ бидејќи во Скопје има две компании со овој назив, па оние кои ги кршат законите го користат тоа како предмет за манипулирање.

И сето ова полицијата лесно го забележува, но од непознати причини поминува покрај нив и не санкционира.

Напротив, кога се спроведуваат вонредни контроли и кога е потребно да се пишуваат казни, на мета на полицијата најчесто се лиценцираните такси возачи. Оние кои уредно секој месец плаќаат чланарина и придонеси, издаваат фискални сметки, работат по правилата на фирмата каде се пријавени, даваат попусти, ги одржуваат автомобилите по стандардите кои се потребни.

Дивите таксисти прават штета на економијата, штетат претставувајќи нелојална конкуренција на лиценцираните колеги, но многу често и на патниците.

Според последните податоци, во Скопје има 5.000 такси возила, а само 2.400 од нив се со лиценца.

Град Скопје нема евиденција колку диви таксисти возат низ градот, инспекторите се на терен

Градот Скопје, во рамки на своите надлежности, работи на организирање на авто-такси превозот во Скопје.

КУРИР побара одговори од Град Скопје за тоа на кој начин се вклучени и што превземаат во оваа насока.

-Во рамки на борбата против т.н. „Диви Таксисти“ Градот Скопје врши редовни контроли и инспекции за тоа дали такси превозниците се придржуваат до одредбите и правилата согласно Одлуката за авто-такси превоз на патници  на подрачјето на градот Скопје. Во Скопје има околу 2400 лиценцирани такси превозници, а немаме конкретен податок за бројот на нелиценцирани (диви) таксисти. Со Законот за превоз во патниот сообраќај инспекторите освен санкционирање  со глоба од 500 евра и времено ги одземаат  авто такси возилата кои не поседуваат  извод од лиценци за авто такси возилото, информираат од Град Скопје за КУРИР.

Инспекторите кои спроведуваат надзор онаму каде ќе констатираат прекршок поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка.

-Инспекторите за патен сообраќај на Град Скопје спроведуваа надзор на три начини и тоа: редовен, вонреден, и контролен инспекциски надзор, при што се утврдува дали субјектите кои се предмет на надзорот ја поседуваат потребната документација согласно законските прописи за вршење на превоз на патници на подрачјето на Град Скопје. Секаде каде што е констатирано дека е направен прекршок согласно законските надлежности, инспекторите поднесуваа барања за поведување на прекршочна постапка до надлежниот орган (Комисијата за водење на прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски), велат од Град Скопје.

Лани се доделени 35 решенија за времено одземање на возилата.

-Во текот на 2018 година, инспекторите од Одделението за инспекција на патен сообраќај и инспекција на патишта на терен делува со 4 овластени инспектори, извршени се 231 контроли на превозници, од кои 116 во редовна инспекциски надзор, 38 преку контролен инспекциски надзор, како и 1 вонреден инспекциски надзор по претходна претставка. Како резултат на активностите на нашите инспектори доделени се 35 решенија  за времено одземање на возила, а направени се и голем број на записници каде се санкционираат такси превозници, велат за КУРИР од Град Скопје.

Граѓаните мора да знаат во чие возило влегуваат

Логиката вели дека ако овие диви таксисти немаат патници и заработка не би ни постоеле, нели?

Граѓаните, неинформирани за тоа во какво возило се качуваат, често стануваат патници на дивите таксисти. Таквите таксиметри лесно се подесуваат како што некому му одговара, па куца поголема сума за плаќање од онаа која е реална.

Ако се појави некаков проблем, вие тој таксист немате начин да го најдете. На пример, доколку изгубите некој предмет во такси возилото, во лиценцирана фирма можете да се јавите, да кажете број на автомобил и тоа што сте го загубиле ќе ви биде вратено. Кај дивите таксисти вие ја немате оваа опција.

Потребни се неколку минути да викнете на повик и да почекате да ви дојде возило од компанија. Ризично од повеќе аспекти е да користите превоз на лице кое никаде не е пријавено.

Останува отворено прашањето „Кој ќе им застане на патот на дивите таксисти“?