Мозаик 03.10.2018 11:02

На потег Управниот суд, дали натпреварите од Лига на шампиони ќе бидат достапни за сите гледачи?

На потег Управниот суд, дали натпреварите од Лига на шампиони ќе бидат достапни за сите гледачи?

Управниот суд и по 4,5 месеци не знае кога ќе одлучува по тужбата на Телеком против решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата во кое таа одлучи дека ексклузивниот договор на Телеком со „HD-WIN“ за пренесување на каналите Арена Спорт е незаконски.

Како што објави Телевизија 24, антимонополската управа со решението од мај годинава констатира дека Телеком незаконски им го ускратува задоволството на сите граѓани да ги следат престижните натпревари од Лига на шампиони и Лига Европа со тоа што не им дозволува на други оператори да ги реемитуваат овие канали.

„Со оглед дека со двете тужби – таа на ХД Вин  и на Телеком, се оспорува ист управен акт решение ПП.бр.09-7/13 од 03.05.2018 година на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренција на Република Македонија, истите ќе бидат споени. Предметите се комплетирани со списи и предадени во работа на судија.“ – велат од Управен суд.

Од судот велат дека по предметите се постапува по редослед како пристигнуваат, а тужбата го одложува извршувањето на решението на Комисијата, кое без нивната одлука не е правосилно. Инаку со решението Телеком е казнет со глоба од 38.000 евра, а српскиот оператор со речиси 25.000 евра. Од Македонски Телеком вчера иако најавија став, денес одлучија да не коментираат.

„Втората постапка која ја наведува членот на Комисијата, а се однесува за периодот од 2015 до 2018 година, за која Македонски Телеком ги изнесе своите аргументи пред надлежните институции, нема да ја коментираме сѐ додека не се донесе правосилна одлука. – велат од Македонски Телеком.

Од српската компанија која ги емитува каналите Арена Спорт иако пративме прашања, не добивме одговор зошто ги кршат македонските закони.

Првиот човек на КЗК, Краљевски пак за ТВ 24 рече дека со ексклузивниот договор оштетени се другите оператори, но и граѓаните кои не се клиенти на Телеком. Оштетените ги упати штетата да ја бараат преку суд, откако решението ќе стане правосилно.

„Телеком за територијата на Македонија има склучено ексклузивен договор со HD-WIN при што е вметната клаузула дека единствено Телеком ги има правата за емитување на натпреварите на Лига на шампиони и Лига Европа “ – рече Чедомир Краљевски.

И додека постапките се заглавени по институционалните лавиринти, граѓаните кои не се клиенти на Телеком со години се лишени од задоволството да ги гледаат најдобрите фудбалски натпревари од Лига на Шампиони и Лига Европа.