Српскиот динар слободно циркулира во сите општини со српско мнозинство на Косово. Покрај српските фирми, со нив плаќаат и албански фирми кои работат на север. Оваа употреба е нелегална и експертите велат дека овозможува зголемување на неформалноста, пишува КОХА, пренесува Коссев. Неформалноста во продавниците на север лесно може да се провери – не издаваат фискални сметки за стоката што ја продаваат.
Уставот на Косово предвидува единствената валута да се користи како валидно платежно средство. Законот прецизира дека тоа е еврото. Меѓутоа, во општините со српско мнозинство се користи друга валута. Во четири северни општини, но и на повеќе места јужно од Ибар, српскиот динар циркулира многу повеќе од еврото. Во Штрпце покажуваат дека Албанците се обврзани да менуваат евра за валутата на српската држава, за да купуваат храна и други производи. Спејтим Арифи, советник на движењето Самоопределување во оваа општина, има барање до централните институции.
„Во општина Штрпце се користи официјалната валута на српската држава, односно динарот. Ова е прекршок и незаконски, затоа ги повикувам државните органи на Косово да се позанимаваат со овој случај и да интервенираат за оваа нелегална валута повеќе да не се користи, не само во Штрпце, туку и на целата територија на Косово“, рече Арифи. Дури и во Северна Митровица во некои од српските продавници не станува збор за плаќање во евра. А, каде што се плаќа во евра, кусурот се враќа во динари.
Но, со оваа нелегална валута не работат само српските продавници. Централната банка на Косово не одговори конкретно на прашањата за тоа какви мерки преземаат кога има ваков промет на динари и кој е највисокиот промет на српски динари на Косово за една година. Надлежните од оваа институција изјавија дека, според важечкиот закон, официјална валута за задолжителни плаќања во Косово е еврото и дека ЦБК со закон е овластена да го снабдува стопанството со оваа валута. Во 2002 година Косово ја замени германската марка со евро, а Србите на север и во другите населени места каде што се мнозинство сè уште го користат динарот.