Економија 07.06.2024 08:31

Најголемата соларна фарма во светот може да создава струја за цела земја

Најголемата соларна фарма во светот може да создава струја за цела земја

Најновата кинеска соларна централа има годишен капацитет од повеќе од 6 милијарди киловат часови, што е доволно за снабдување со електрична енергија на мала земја, Фабриката во пустинскиот регион на северозападната кинеска провинција Ксинџијанг зафаќа 200.000 хектари, површина еднаква на Њујорк или на паркот на природата Велебит. Комплексот од 5 GW беше поврзан со кинеската мрежа во понеделникот и е доволно моќен за да ги задоволи потребите за електрична енергија на земја со големина на Луксембург или Папуа Нова Гвинеја.

Наспрема новата соларна фарма, двете најголеми оперативни соларни постројки досега, исто така лоцирани во западна Кина, се џуџиња. Тоа се пустинскиот проект Ningxia Tenggeli на Longyuan Power Group и соларниот комплекс Golmud Wutumeiren на China Lüfa Qinghai New Energy, и двата со моќност од 3 GW.

Ретко населениот Ксинџијанг, богат со соларни и ветерни ресурси, стана центар на огромни бази за обновлива енергија, кои го испраќаат најголемиот дел од својата енергија на долги растојанија до густо населениот источен брег на Кина. Затоа не е изненадувачки што Кина, глобалниот лидер во усвојувањето на сончевата енергија, го зголеми својот капацитет на обновливи извори на енергија за повеќе од 50% само во последната година.

Неодамнешниот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги опиша достигнувањата на Кина како „извонредни“, при што земјата пушти во употреба исто толку соларен капацитет минатата година колку и целиот свет во 2022 година.

„Улогата на Кина е клучна во постигнувањето на глобалната цел за тројно зголемување на обновливите извори на енергија, бидејќи се очекува земјата да инсталира повеќе од половина од новиот капацитет потребен на глобално ниво до 2030 година. На крајот од предвидениот период речиси половина од кинеското производство на електрична енергија ќе доаѓа од обновливи извори на енергија“, се наведува во извештајот.

Покрај тоа, се проценува дека инсталирањето соларни панели на покривите и зградите во Кина ќе генерира доволно електрична енергија за напојување на сите домаќинства во земјата и Југоисточна Азија заедно.