Следната недела владата ќе објави нови мерки за намалување на ценовен шок. Министерот за економија потенцираше дека пакетот мерки ќе биде наменет за ранливите категории, но не кажа што точно ќе добијат граѓаните на кои најмногу им е потребна државна помош.
Министерот Бектеши не откри ниту кои се наодите од анализата на пазарен инспекторат која токму тој ја најави како клучна за формирањето на новите мерки. Бектеши застана и во одбрана на директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски кој откако стапи на функцијата е недостапен за новинарите.
„Маржите се најлесна работа, може сега да се вратиме на работа да свикаме седница на влада и да ги ограничиме маржите. Ние сакаме директно да поддржиме ранливи категории на граѓани имајќи во предвисд дека поминаа тешка година со инфлацијата. Директорот на пазарен инспекторат не ги креира мерките, тие даваат инпут во делот на тоа каде би можело да се интервенира. Што покажуваат анализите ќе дознаете најдоцна почетокот на идната недела.“
Од пред неколку дена дел од пекарниците ја зголемија цената на белиот леб на парчиња од 33 денари на 38 денари. Надлежните најавија санкции за несовесните трговци.
Цените на млечните производи секојдневно рушат рекорди. Се очекува да се зголеми цената на печивата во кои содржат дел од млечни производи како сирење, урда, павлака или кашкавал.
А според информациите од месната индустрија цените на месото и месните преработки во периодот што следи нема да се зголемуваат. До крајот на овој месец околу 1000 прехранбени производи кои граѓаните редовно ги купуваат ќе добијат нова повисока цена поради зголемувањето на ДДВ-то од пет на десет отсто, бидејќи властите ги категоризираа како луксузна стока.