Ново лице во Кабинтетот на гувернерката за комуникација, но и нови кандидати за Дирекциите за јавни набавки и за статистика ќе бара Народната банка.
Објавен е оглас со кој се бараат четири лица кои би се вработиле во НБМ, и тоа на позициите „помлад организатор“ во Отсекот за подготовка и спроведување на постапките за јавни набавки во Дирекцијата за јавни набавки.
Едно лице е за „помлад специјалист за односи со јавност почетен II степен“ во Отсекот за комуникации во Кабинетот на гувернерот и двајца кандидати за работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика.
Кандидатите кои би сакале да работат во нашата централна банка треба да се државјани на земјава, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.
Кандидатите кои сакаат да работат во Дирекцијата за јавни набавки треба да имаат завршено факултет од областа на правните науки, не се бара работен стаж, но потребно е познавање англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка. Кандидатите ќе бидат тестирани за нивните теоретски познавања од аспект на доследна примена на Законот за јавни набавки.
Кандидатите пак кои би сакале да работат со медиумите, ќе треба да имаат завршено факултет од областа на општествените или хуманистички науки, исто така не се бара работен стаж, но треба да знаат англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка. И овие кандидати ќе бидат тестирани.
Кандидатите за работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика треба да имаат завршено факултет од областа на економските науки, со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка, и за нив е предвидено тестирање.
Од централната банка напоменуваат дека во согласност со Колективниот договор на ниво на Народната банка, со кандидатите кои имаат работен стаж и за првпат склучуваат договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец, а доколку кандидатите немаат работен стаж, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 12 месеци.
Висината на нето платата за работното место во Дирекцијата за јавни набавки изнесува 46.794 денари, додека за време на пробната работа висината платата ќе изнесува 50 проценти од нето платата, односно 23.848 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70 отсто, односно 33.027 денари. Што се однесува пак за останатите три работни места, платата би била 38.526 денари, за време на пробната работа висината е исто така 50 отсто од основната или 19.722 денари, додека за време на приправничкиот стаж изнесува 70 проценти или 27.238 денари.