За првпат во историјата на нашата земја граѓаните можат на брз и едноставен начин да направат споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките преку веб – страницата на Народната банка на Република Северна Македонија, преку користење на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“.
Зголемената транспарентност и споредливост на услугите се најзначајните придобивки и новини кои за граѓаните ги донесе Законот за платежни услуги и платни системи. Со обврската за примена на стандардизирани термини и опфат за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги од страна на банките и нивно редовно доставување до Народната банка за објавување, ќе им се овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредат понудите и надоместоците за услугите поврзани со платежните сметки.
Во таа смисла, истакнуваме дека Народната банка на својата веб страница ги објави податоците по поединечна банка за видот и висината на надоместоците што ги пресметуваат и наплаќаат за секоја од услугите што се определени како најрепрезентативни за потрошувачите.
Давателите на платежните услуги самостојно ги утврдуваат надоместоците и се одговорни за точноста на доставените податоци за објавување од Народната банка. Со цел корисниците на платежни услуги да можат да располагаат со ажурни и соодветни информации, банките имаат обврска истите да ги ажурираат при секоја промена на надоместоците.