Банкарство 14.02.2025 11:56

Народната банка продолжува со финансиската едукација преку нов циклус предавања

Народната банка продолжува со финансиската едукација преку нов циклус предавања

Со почетокот на второто полугодие од учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација. Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите граѓани.

Токму затоа, финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка, којашто преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава.

Во изминатите години, Народната банка преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има одржано едукативни предавања за над 25.550 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено и голем број едукативни материјали во печатена и електронска форма, игра, квизови, инфографики и др. Интересот кај учениците за посета на Народната банка од година в година бележи раст, а се зголемува интересот и кај повозрасните граѓани за финансиска едукација.

За закажување предавање во делот на финансиската едукација, наставниците и професорите од основните и средните училишта и од факултетите треба да го пополнат формуларот којшто може да го најдат на страницата за финансиска едукација на Народната банка https://www.nbrm.mk/finansiska-edukacija.nspx и да го достават на е-адресата edukacija@nbrm.mk , по што ќе бидат побарани за организација на предавањето. Предавањата се изведуваат на македонски, албански и на англиски јазик.