Банкарство 09.07.2024 11:58

Народната банка се подготвува да побара пристап на Македонија во СЕПА, вели гувернерката

Народната банка се подготвува да побара пристап на Македонија во СЕПА, вели гувернерката

„За граѓаните и претпријатијата, придружувањето кон СЕПА ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Клучна придобивка е очекуваното значајно намалување на трошоците за прекуграничните трансакции со овие земји, што е особено значајно за дознаките од иселениците и лицата на привремена работа во странство, кои се важни за македонската економија“, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

„Стандардизираните регулативи кои се применуваат во СЕПА придонесуваат и за повисоки нивоа на заштита на потрошувачите и транспарентност, обезбедувајќи еднаков приод кон сите даватели на платежни услуги и по конкурентски цени“, вели гувернерката во разговор за МИА.

Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон СЕПА, вели, е историски чекор за Македонија, кој ќе обезбеди нови, подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции. А самата апликација е резултат на повеќегодишни активности и меѓуинституционална соработка во земјата, како и на поддршката од меѓународните институции, нагласува гувернерката.

Очекувањата се дека по поднесувањето на апликацијата, Европскиот совет за плаќања ќе даде формална оценка и ќе одлучи за пристапот на земјава кон СЕПА.

„Покрај очекувањето на позитивната одлука за пристап, банките во земјата ќе треба да работат на прилагодување на своите системи на техничките барања за пристапување во платните системи во СЕПА областа. Оттука, ефективното пристапување во СЕПА областа ќе се случи по добивање позитивна одлука од Европскиот Совет за плаќања и вклучување на домашните даватели на платежни услуги во платните системи во СЕПА областа“, вели гувернерката на Народната банка.

СЕПА започна да се реализира во 2008 година. Има 36 земји членки. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, во неа членуваат и девет европски земји кои не се во Унијата (Норвешка, Обединетото Кралство, Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн, Сан Марино, Монако, Ватикан и Андора).

СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на Европската Унија (ЕУ) и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар.

Граѓаните и фирмите од земјите членки можат да вршат безготовински плаќања во евра, преку кредитни трансфери, вклучувајќи и инстант плаќања и директни задолжувања во било која земја-членка на СЕПА на брз, безбеден и ефикасен начин и по исти трошоци како и домашните плаќања.

Со пристапувањето на земјава кон СЕПА, граѓаните и компаниите ќе имаат помали трошоци за прекуграничните трансакции коишто ќе можат да ги извршат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на парични средства ќе се извршува за најмногу 10 секунди во било кое време од денот, за викенди и за празници.