Актуелно 08.05.2018 10:53

НБРМ мора да има гувернер

НБРМ мора да има гувернер

Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев денеска на втора средба ги усогласуваа ставовите околу изборот на гувернер на Народната банка. Засега од кабинетот на премиерот нема детали за исходот од разговорите, но од кабинетот на претседателот

07.05.2018 17:20:14

 Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев денеска на втора средба ги усогласуваа ставовите околу изборот на гувернер на Народната банка. Засега од кабинетот на премиерот нема детали за исходот од разговорите, но од кабинетот на претседателот соопштуваат дека Иванов рекол дека нема да отстапи од предлогот Богов да ја води Народната Банка бидејќи се работи за професионалец кој успешно ја водел НБМ во изминатите 7 години и би бил најдобар избор поддржан како од бизнис, така и од академската фела.

Изборот за гувернер се искомплицира откако владејачкото парламентарно мнозинство се изјасни против актуелниот гувернер Димитар Богов да продолжи да ја извршува оваа функција уште 7 години.
Додека претседателот Иванов е убеден дека Богов е професионалец чии квалитети особено се покажале во одржувањето на ценовната стабилност и фиксниот курс на денарот во однос на еврото, Заев завчера изјави дека верува дека преку дијалог ќе се најде решение, но и дека парламентарното мнозинство има право да избере гувернер.
Од кабинетот на Иванов соопштија дека Заев знаел дека Богов ќе биде предложен за кандидат, додека Заев тврди дека по средбата со Иванов во март кога претседателот го информирал со кого имал намера да разговара за функцијата гувернер, лично тој се информирал од медиумите дека Богов ќе се бори за втор мандат.
Богов минатата недела рече дека е оптимист дека гувернер ќе се избере навреме, но и дека ако тоа не се случи ќе има сериозни последици не само врз банкарскиот систем, туку и врз економијата во целина.
Ако челната позиција во НБМ остане празна, одредени одлуки можат да останат во надлежност на вицегувернерите и Советот на Народната Банка, но Законот за Народна Банка предвидува дека некои одлуки може да ги донесе и изврши исклучиво гувернерот.
Гувернерот одлучува за референтната каматна стапка, што влијае врз каматите на кредитите и депозитите кај сите деловни банки. Со оглед на тоа што федералните резерви на САД веќе ги кренаа стапките нагоре, а Европската централна банка ќе го направи истото во 2019-та, а можеби и порано, неизвесно е како ќе реагира Народната Банка на Македонија ако нема кој да ја донесе потребната одлука.
Освен што ја претставува Народната Банка, гувернерот ја спроведува монетарната и политиката на девизен курс, ги извршува одлуките на Советот, издава и одзема дозволи на финансиски институции, превзема мерки кон деловни банки, вработува кадри и има многу други надлежности.
Сегашниот мандат на Богов истекува на 21 мај, а за тоа да добие втор мандат, предлогот на Иванов треба да се изгласа во Собранието со просто мнозинство.