Последна во низата на јавни набавки на службени возила е набавката на Агенцијата за стокови резерви која бара да купи автомобил од 27 илјади евра. Имено Агенцијата по втор пат за една година распишува оглас за набавка на службено возило.
Вакви слични, но и поголеми набавки изминатата една година се спроведени или се во фаза на спроведување во голем број други државни институции.
Имено Собранието побарува 4 моторни возила за околу 36 илјади евра, a веќе набавија возила и во Mинистерствата за внатрешни работи и одбрана. Имено и во двете министерства тендерот го доби фирмата Делукс ауто од Kуманово, која е партиски донатор на СДСМ. МВР преку оваа фирма набави 45 возила вредни 1 милион евра, а МО набави 11 возила за 135 илјади евра.
Во тек е јавна набавка на Службата за општи и заеднички работи во која ќе се потрошат над 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи 45 нови возила, од најлуксузната верзија на германската марка „Фолксваген Пасат“.
Примерот на централната власт го следат и градоначалниците. Џип од моделот „Фолксваген Тигуан“ бил набавен од раководството на Општина Дебар, вреден 50.000 евра и истиот ќе биде отплаќан следните пет години, а општина Пласница набавува ново возило за 15 илјади евра.
Собрани заедно овие набавки вредат над 3 милиони евра, само по основ нови луксузни возила.
Ова е целосно спротивно на ветувањата на Заев давани пред парламентарните, но и локалните избори кога пред граѓаните зборуваше за кратење на непродуктивните трошоци.